Четврта министерска конференција за здравје и животна средина
Децата најголеми жртви на загадувањето на животната средина
Децата под пет години се само 10% од светската популација, но и 40% од вкупниот број жртви од загадувањето на животната средина, предупредува Светската здравствена организација (СЗО) во својот најнов извештај, по обелоденување на податокот дека над 100.000 деца во Европа годишно умираат поради загаденост на воздухот и водата, но и поради повреди. СЗО во јуни организира министерска конференција за здравје и животна средина во Будимпешта, на која учествуваа министри од 50 европски држави, под мотото “За подобра иднина на нашите деца”. Инаку, според извештајот на Светската здравствена организација, Македонија не е ниту во најзагрозените, но не е ниту во редот на најбезбедните земји кога станува збор за загаденоста на животната средина и последиците од еколошките катастрофи.
Паралелно со министерската конференција, невладините организации од повеќе европски држави одржаа “Планетарен форум за здравје” на кој со многубројни трибини што се однесуваа на загадувањето на водата и воздухот, недозволените хемикалии во козметичките производи и социјалните услови во коишто растат најмладите. Граѓанскиот сектор уште еднаш ги предупреди владите на европските земји дека не е доволно само декларативно изјаснување за подобрување на животната средина, туку и преземање конкретни чекори. Министрите ја потпишаа Декларацијата и Акцискиот план за детско здравје и заштита на животна средина во Европа, со што се обврзуваат до 2007 година да ги изработат националните акциски планови за здравје и екологија. Македонската делегација ја предводеше министерот за животна средина и просторно планирање, Љубомир Јанев.
Во рамките на конференцијата, СЗО го промовира и првиот атлас за влијанието на животната средина на здравјето на децата. Поразителен е фактот дека во третиот милениум речиси 2,4 милијарди луѓе во светот немаат пристап до чиста вода, а недозволеното присуство на оловото во средината која не опкружува предизвикува тешки последици по менталниот и физичкиот развој на најмладите. Поради живеење во несоодветни хигиенски услови, многу деца низ светот умираат од маларија и стомачни инфекции. Нерешените економски прашања во многу држави придонесоа во најсиромашните земји децата да бидат евтина работна сила, без право да се образуваат и да израснат во здрави луѓе.
М.К.
|