Интервју: Џесика Кук, регионален претставник на организацијата Помош на ракотворците (Аид то Артисанс)

Во занаетчиските производи луѓето пронаоѓаат дел од себе

Одбравме да работиме во Македонија поради македонската традиција во занаетчиството, поради изработките, поради испреплетеноста на влијанието на историјата и на разните култури на Балканот кои се огледаат во македонската занаетчиска традиција

Да се поттикне развојот и да се подобри работењето на ми­кро, малите и средните занаетчиски претпријатија, а со тоа да се зачува и традицијата е главната цел на проектот “МАДЕ ИН МАЦЕДОНИА, проект кој во Ма­кедо­ни­ја тече од 2000 година, а е финансиран од Владата на Со­е­ди­не­тите Американски Држави преку Агенцијата на САД за ме­ѓу­народен развој (УСАИД). Носител на проектот е организацијата Помош на ракотворците (Аид то Артисанс), чиј регионален прет­ста­вник е Џесика Кук.

 “Морам да кажам дека Македонија е предизвик на многу на­чи­ни”, вели Џесика Кук на почетокот на нашиот разговор, додавај­ќи дека за една година, колку што престојува во нашата земја,  дос­та добро ја запознала Македонија, но жал & е што ќе зами­не во декември оваа година кога проектот формално ќе за­вр­ши. “Би сакала тука во Македонија уште многу работи да на­у­чам и да видам, но циклусот на проектот е таков и што морам да заминам”, објаснува Џе­си­ка Кук. 

Оваа организација за време на проектот успеа на многу начини да го подобри занаетчиството во Македонија, а преку свои продажни центри во Скопје (во старата чаршија во хотелот “Арка”, и во Феудалната кула), во Гевгелија, во Охрид и во Битола ги приближи занаетчиските производи до купувачи и повторно го сврте вни­манието кон традицијата и рачната изра­бот­ка.

Помош на ракотворците доделува и годишна  на­града за дизајнери на  конкурс кој се об­ја­ву­ва секоја година кон крај на месец мај. На­гра­да­та која воспоставува врска меѓу занаетчиите и дизајнерите  е од особена важност затоа што ток­му оваа врска е еден од примарните услови занаетчиските производи успешно да се про­да­ваат на пазарот. 

Дали можете нешто повеќе да ни кажете за организацијата Помош на ракотворците?
Помош на ракотворците е непрофитна орга_ни­за­ција чие седиште е во Конектикат, Соеди­не­ти­те Американски Држави. Работиме разни про­грами низ целиот свет, а моментно сме на про­грами во девет земји меѓу кои се Колумбија, Перу, Боливија, Салвадор, Мозамбик. Момент­но, единствена земја во Европа во која ра­бо­ти­ме е Македонија. Нашата мисија е да ги поддр­жи­ме занаетчиите, за да можат да живеат од она што го работат. Тоа го правиме на три раз­лич­ни начини. Ги учиме како да ги дизајнираат и како да ја подобрат изработката на  произ­во­ди­те за да ги направат повредни. Ги учиме  да ги користат своите вештини и извори за дизај­нот да биде поатрактивен, затоа што на крајот на краиштата, тие мора да го продадат про­из­во­дот за да преживеат. Значи, го проучуваме пазарот и им ка­жу­ва­ме на занаетчиите како да се прилагодат. Втората сфера во ко­ја работиме со занаетчиите е тренинг од областа на биз­нис­от, формирањето на цената на продуктот, до промовирањето на производот на домашниот и на странскиот пазар, како да се извезува. Исто така, ги учиме за­нает­чиите како да се реги­стри­ра­ат ка­ко фирма, да го регистрираат она што го работат, би­деј­­ќи тоа е многу важно. Произ­во­ди­те ги претставу­ва­ме на про­даж­­ни излож­би обично во време на праз­ници, во време кога се по­дарува, имаме и своја  мрежа на про­дав­ници, а исто така про­­из­водите ги претставуваме и на меѓу­на­родните сае­ми во Њујорк, Франкфурт, Париз.

Спомнавте дека единствена земја во Европа во која работите е Македонија. Дали Македонија е случајно избрана или врз основа на вашите истражувања?
Всушност ние веќе работевме во Источна Европа, во Романија и во Унгарија. Во Македонија почнавме да работиме и сакаме да видиме дали сме научиле некои лекции во другите земји во регио­нот кои би можеле да бидат корисни тука. Секако, Маке­до­нија беше избрана и поради својата традиција во зана­ет­чис­тво­то, поради изработките, поради испреплетеноста на вли­ја­ни­ето на историјата и на разните култури на Балканот кои се огле­даат во македонската занаетчиска традиција. Во 2000 го­ди­на кога дојдовме во Македонија видовме дека има традиција во занаетчиството, меѓутоа на сето тоа требаше да му се при­до­да­де една нова енергија. Проектот ќе заврши во декември оваа година. 

Што по завршувањето на проектот?
Точно е дека проектот за­вр­ш­ува на крајот на годината, но тоа е само формално. Сме­­т­аме дека за овие пет го­дини, колку што сме тука, се создаде една погодна кли­ма за развој на за­на­ет­чис­твото, луѓето се запоз­наа меѓу себе, остварија кон­такти, така што и без формалното постоење на проектот може да про­дол­жат. Чувствуваме дека занаетчиите во Македонија имаат сила да ја зачуваат и продолжат традицијата.

Со оглед на тоа што проектот завршува кон крајот на годината, колку сте задоволни од досега постигнатото во Македонија?
Јас сум во Македонија една година, така што, за жал, не бев и од са­миот почеток. Морам да кажам дека Македонија е предизвик на многу начини. Сите кои живеат во Македонија знаат дека има мож­ности за бизнис, за развој на занаетчиството, има потен­ци­јали, како поради материјалите, така и поради вештините на луѓето, но бизнисот во Македонија се соочува и со тешкотии кои се многу пати и од административна природа. Но, морам да ка­жам дека за време на нашата работа во Македонија видовме мно­гу промени. Пазарот во Македонија се менува. Луѓето с$ по­ве­ќе стануваат свесни за значењето на занаетчиството, с$ повеќе лу­ѓе доаѓаат на нашите продажни изложби, па така на последната про­дажна изложба во Чифте амам во Скопје е забележана посета на повеќе од 6.000 луѓе.  Многу е битно што се менуваат ставовите за важноста на занаетчиството и се поврзуваат веш­ти­ните на занаетчиите со бизнисот. Оваа врска е многу битна затоа што занаетчиите учат како да се приближат  кон купувачот и како да се изгради цената. Можам да кажам дека ние сме задоволни со овие промени и се надеваме дека  занаетчиството ќе има на­пре­док и по нашето заминување.

Дали во Македонија се фокусиравте на еден одреден регион или работата со занаетчиите се одвива во сите делови на земјата?
Кога нашата организација дојде во Македонија ние сакавме да се поврземе со занаетчии од цела Македонија. Ги обиколивме Де­бар, Струга, Кичево, Крушево, Битола, Скопје за да најдеме за­ин­те­ре­сирани занаетчии кои би сакале да соработуваат со нас. Им рековме дека ќе им помогнеме да ги усовршат своите вештини и да го освојат пазарот. Многу производи пласиравме и на стран­ски­те пазари, а еден од нашите  најдобро продадени производи се перничињата рачно извезени од група жени од Крушево.

Македонските производи ги продавате и на пазарите во САД и во Западна Европа. Колку се продаваат нашите производи и каква цена постигнуваат?
Предизвик е да се продаваат македонските производи на стран­ски­те пазари. Знаевме дека никогаш не можеме да бидеме конку­рен­тни со цените затоа што производите од Азија ги држат убе­дли­во најниските цени, но сакавме да најдеме некоја друга сфе­ра каде што ќе бидеме конкурентни. Ангажиравме дизајнери од Њујорк кои го обликуваа производот што се изработуваше тука во Македонија со македонски материјали. Имавме успех со так­ва­та соработка и воспоставивме врски со увозниците од Западна Ев­ро­па и од САД.

Претпоставувам дека сте виделе многу од занаетчиските изработки во Македонија. Дали нешто Ви оставило посебен впечаток, дали Ве фасцинирала некоја изработка?
Тешко е да се издвои само едно нешто. Сепак, ќе ги издвојам пред­ме­тите изработени од метал. Ме воодушевија изработките од бакар и гравирањето, дотогаш не сум се сретнала со таков вид на израбо­т­ка.

Дали ја истражувавте традицијата на  занаетчиството и во некои други земји пред да дојдете во Македонија?
Го изучував занаетчиството во Зим­ба­бве, Африка, истражував и на Мадагаскар, а исто така имав можност и да престојувам во Ин­до­не­зија при студентска размена. Би сакала во Македонија да се за­држам и подолго време, сега една година ми се чини како мал период за да видам и запознаам с$ што сакам во вашата земја. Освен тоа, почнав да го учам јазикот, имам свои пријатели тука, но циклусот на проектот е таков што на крајот од го­ди­ната ќе заминам од Македонија и нај­ве­ројатно ќе се вратам во Соеди­не­тите Држави за да бидам поблиску до своето семеј­ство.

Доаѓате од земја која е позната по високата технологија и по компјутеризацијата во сите области. Како се случи Вие да се заинтересирате за занаетчиството?
Јас сум од Вермонт, американска др­жа­ва која е по површина колку Маке­до­нија и која се наоѓа во северо-источниот дел на САД, во која се живее мирно и тивко, и во која с$ уште се зачувани некои за­на­ет­чис­ки традиции. Кога се промовира Вермонт, се промовира како држава на природа и на кул­тур­ни традиции, а дел од таа кул­турна традиција на Вер­монт е и занаетчиството. За­на­­ет­чиството не ми е туѓо за­тоа што јас додека растев се обидував, со помош на мајка ми, да изработам не­кои пред­ме­ти. Во секој слу­чај, мислам дека занает­чиските произ­во­ди се с$ по­веќе ценети и во САД, затоа што во тие производи лу­ѓе­то про­наоѓаат дел од себе, дел од таму од каде што потек­ну­ваат.    

Марија Кука