Доделена медиумската награда за граѓанско општество

Новинарите имаат можност да ги менуваат стереотипите

Телевизија А1 е добитникот на Годишната награда на граѓанско општество,  доделена преку процес на гласање во кој можност за изразување на своето мислење добија сите легално регистрирани здруженија на граѓани и фондации во Република Македонија.

Гласањето се одвиваше од 12 септември до 10 октомври 2006 година, во рамките на Проектот за зајакнување на граѓанското општество, спроведуван по иницијатива на Македонскиот институт за медиуми. Станува збор за тригодишен проект финансиран од УСАИД, кој се имплементира од страна на конзорциумот предводен од Институтот за трајни заедници (ИТЗ), со учество на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Центарот за институционален развој (ЦИРа) и Европскиот центар за непрофитно право (ЕЦНЛ).

Мисијата на проектот е да го зголеми граѓанското учество во процесот на донесување одлуки на политичко и општествено ниво, низ проширување и продлабочување на влијанието на граѓанското општество. Во таа насока, директорката на УСАИД, Тереза Албор, при чинот на доделувањето на наградата, нагласи дека новинарите имаат можност да ги менуваат стереотипите. Годишната награда на ТВ А1 ја додели директорката на Проектот, Стефани Раст од ИТЗ, која објасни дека станува збор за тригодишен проект со буџет од 5 милиони долари, чија цел е граѓанското општество да се направи помоќно. Наградата се доделува за првпат во Македонија, а за придонес во развојот на граѓанското општество признанија  добија МТВ, Сител и Утрински весник.  

Т.Д.