Прва детска амбасада во светот - МЕЃАШИ

15 години за заштита на детските права

П рвата детска амбасада во светот „Меѓаши” слави 15 години од своето основање и работење. Основана е на 29 април 1992 година во Скопје, како светска асоцијација и прва регистрирана меѓународна, непрофитна, непартиска и невладина организација во Република Македонија за заштита на правата на детето во периодот на транзиција. Во својата работа, „Меѓаши” го промовира почитувањето на детската личност, заштитата на нивните права и застапувањето на детските интереси. Со своите активности, организацијата значително придонесе за развивањето и јакнењето на свеста за детските права во македонското општество. Особено, како што велат во „Меѓаши”, се задоволни што се урна митот и молкот за детските страдања, особено за физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата. Оваа организација пред очите на јавноста изнесе навистина потресни приказни за злоупотреби и се ангажира за воспоставување поефикасни механизми за заштита на децата.Во своите 15 години остварување на мисијата, „Меѓаши” работеше на прифаќање на бегалците од војната во Босна и Херцеговина, кога им помогна на 60.000 деца бегалци. Таа го отвори првиот дежурен СОС-телефон за деца и млади и психолошко советувалиште во Република Македонија; активно лобираше за донесување на Хашката конвенција за граѓанско-правните аспекти на меѓународни грабнувања на деца (донесена е во 1995 година), и водеше кампања за ратификација на Конвенцијата 182 и Препораката 190 за итно елиминирање на најлошите форми на детски труд (ратификувани се во 2002 г.), за воспоставување на Детскиот омбудсман (ова е остварено во 1999 г.), им даде поддшка на децата-бегалци и нивните семејства од Косово. Во 2006 година го отвори Прифатилиште за деца во кризна состојба, во кое се згрижени 16 раселени лица од Арачиново, од кои осум се деца – три од нив се родија во прифатилиштето. Сите овие, како и повеќе други активности, беа причина во 2001 година, „Меѓаши” да ја добие Наградата за граѓанско општество и демократија, за долгогодишен придонес во изградбата на граѓанското општество во Република Македонија, од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

М.И.