Коментар

Мај - месец на младоста, месец што ќе се памети

Мај, месецот на пролетта, месецот на младоста (25-ти мај с$ уште многумина го паметат и го споменуваат), годинава, меѓу другото, го одбележаа два настани по-врзани со различни форми на граѓанско здружување.

Првиот, граѓанскиот протест во скопската општина Чаир, организиран по повод убиството на три  млади момчиња и шестмина ранети во интернет-кафуле, го покажа револтот на младите и на старите чаирчани против вооружувањето.

“Разбуди се Скопје” е новата граѓанска организација чиешто име, уверена сум, секогаш првенствено ќе се врзува за успешно организираниот мирен протест, во кој учесниците побараа да престанат пукотниците, да престане користењето оружје, убиствата и сите зла што тоа ги предизвикува. Нивните лица видени на ТВ-екраните и во весниците го изразуваа гневот и решеноста повеќе да не се молчи.

Протестот се одвиваше во втората половина на мај, а само една недела пред тоа, членовите на Македонскиот национален комитет на ИКОМ - Меѓународниот совет на музеите, на советување во Куманово, укажаа на потребата од отворање одделенија за едукација во музеите во земјава. Музеалците предупредија дека недостатокот на музејска едукација осиромашува генерации млади луѓе, кои во натпреварот на цивилизациите имаат потреба од многу сознанија за својата земја, за својата историја, за историјата на светот, сознанија за  уметност, култура, наука, природа, потреба да ја покажат својата креативност.

И двете барања на граѓанските организации се од иста земја, презентирани во ист месец, а во нивниот центар на интерес се младите, чиј живот во најголема мера зависи од сценаријата на возрасните.

Сценаријата треба да се менуваат, тоа со години го знаат и за тоа говорат многумина.

Барањата упатени до надлежните од двата собира ќе патуваат некое време, младите ќе раснат и стареат, но овој мај, месецот на младоста сигурно долго ќе се памети.

Катерина Богоева