Петиција за законот за пристап до информации

Сакаме современ Закон

Во отворените писма упатени до Претседателот на Република Македонија, Претседателот на Собранието на Република Македонија и Претседателот на Владата на Република Македонија, невладините организации АРТИЦЛЕ 19, Фондацијата Институт отворено општество – Македонија, ПРО МЕДИА и Транспарентност Македонија ја изразуваат загриженоста поради слабостите во последниот предлог на македонскиот Закон за слободен пристап до информации. Здруженијата сметаат и дека не постои вистински напредок во насока на неговото донесување.

Писмото е проследено со петиција потпишана од претставници од 126 здруженија на граѓани од Македонија. Здруженијата апелираат на навременото донесување на Законот за слободен пристап до информации, а притоа да се вградат препораките на АРТИЦЛЕ 19, Глобална кампања за слобода на изразувањето. Законот, според нивното мислење мора да биде конзистентен со меѓународните стандарди.