Погледи
Загаденоста како заштитен знак
Иако според Уставот на Република Македонија секој има право на здрава животна средина, како една од темелните вредности на уставниот поредок и основно човеково право - ние граѓаните на Велес сме целосно дискриминирани. Ние сме, за жал, целосно обесправени жители на еден од најстарите градови, кои немаат можност за алтернатива, немаат можност за избор на друго огниште. Ние сме принудени да егзистираме во многу опасна животна средина со застрашувачки последици по физичкото и менталното здравје и животот за нас, нашите деца и нашите идни поколенија.
Триесет години во континуитет во Велес се случува еколошка трагедија. Триесет години велешани трпеливо, немо и помирливо секојдневно ја чувствуваат емисијата на штетни гасови, кои с$ повеќе ја загадуваат живитната средина и го загрозуваат најскапоценото нешто, здравјето.
Не е ништо ново ако се каже дека состојбата е алармантна. Не е ништо ново ако се каже дека според критериумите на Светската здравствена организација во 2000 година Велес од град ризичен за живеење, е прогласен за град во кој е критично да се живее. Ние велешаните сме по с$ изгледа чуден феномен, кој с$ уште живее и егзистира под својот “заштитен знак” на “оловен оклоп”…
Загадени од сите страни: почва, вода, воздух (контаминирана почва со тешки метали до 40 сентиметри; секојдневен олово-цинков и кадмиумов прав во воздухот во улога на разорувачи на нашите организми; огромно количество сулфур двооксид; умртвена река). Топилницата не убива бавно, но сигурно. Растителниот и животинскиот свет како и земјоделските производи кои секојдневно ги консумираме, содржат од шест до 39,8 пати поголема концентрација на тешки метали. Емисијата на олово од Топилницата е за 25 пати поголема од емисијата на сите автомобили во државава кои користат оловен бензин.
Зарем е потребно да се пласираат уште укажувања, цифри и аргументи за да се констатира вистината што ни се случува; до кога? До кога ќе бидеме неми посматрачи и сведоци на бавната и тивка смрт, а со чувство на немоќ за чекор напред? Ако дозволиме поради некоја закоравена еколошка свест да ни се уништи денешнината и иднината; ако денес не сториме нешто, ќе бидеме проколнати од генерациите кои ќе дојдат после нас. Битката за здрава животна средина треба да биде наша заедничка задача и цел на сите граѓани, на сите постоечки невладини организации, локалната самоуправа, медиумите и на сите кои го љубат овој град. Кој и да сме, што и да сме, директно сме одговорни за средината во која живееме и во која живеат нашите деца.
(Мимоза Давчева е претседателка на еколошкото друштво “Бреза” од Велес)
|