Луге: Стевче Дечев
Мојот поглед е надеж дека во иднина ќе бидам претседател на РМ
Професионално искуство Апсолвент на Правниот факултет- меѓународно право и извршен директор на Фондацијата „Марита” - Македонија
Ангажирање во граѓанскиот сектор Оваа година на мојата торта за вклученост во граѓанскиот сектор имав 14 свеќи. Таа активност ја продолжувам.
Хоби и интереси Срфање на интернет. Читање најразлична литература за дополнителна едукација, дури и упатства на производи. Запознавање луѓе. Зрачење. Не радиоактивно, туку зрачење позитивна енергија. Интереси: геополитика, младинска политика, слободно масонство, религија и христијанство.
Најтешка одлука Големата понуда значи тежок избор. Како мал, се сеќавам чекав по неколку часа за да купам едно млеко, а денес кога пазарувам многу тешко се одлучувам кое млеко да го купам. Да живее демократско отвореното општество.
Навистина не верувам дека сум донел некоја најтешка одлука. Не с$ уште! Знам дека најважната одлука ми е прифаќањето на Исус.
Амбиции Мислам дека е многу добро кога човек има цел. Кога знае каде оди! И кога кон таа цел оди со силна вера. Како расте верата, ќе видиме дека чекорите што ги правиме денес се обука за чекорите што ќе ги правиме утре. Јас чекорам со вера и мојот поглед е надеж дека во иднина ќе бидам претседател на РМ и дел од светските лидери кои ќе му служат на народот.
Во слободното време чита Читањето ми е секојдневие. Секојдневно ја читам Библијата. Таа ми е светлина која ме води, храна која ме поткрепува и утеха која ме развеселува. Читам и христијанска литература, литература за сите други религии, афоризми и книги за геополитика.Но не само што читам, туку и пишувам за другите да има што да читаат.
Каде оди во слободното време Слободното време ми е сонот. Камо среќа денот да траеше 36 часа. Мислам дека се претворив во „воркохолик”. Па затоа во слободното време, ако така го наречам, одам на кејот или во ГТЦ. За викендите некогаш до Велес во посета на родителите и на видување со сестра ми, внука ми и другарите и другарките.
Кој национален/локален проблем го смета за особено важен и зошто? Проблемот го гледам во пасивноста и рамнодушноста, во зависноста од авторитети, во живеењето и работењето со методи од минатото време, во непостоењето економска атмосфера и можности, во високиот степен на коруптивно размислување, во присутноста на пороци (дрога, алкохол, цигари), посебно кај младите, како и во живеење без Бог.
Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто? Сеприсутноста на насилството ја сметам за проблем. Но за уште поголем проблем го сметам материјализмот. И јас се прашувам зошто е тоа така. Но одговор тешко наоѓам, па затоа си се тешам со тоа дека сите на светов сме дошле голи и боси, такви и ќе си отидеме од него. Ништо нема да понесеме, ниту автомобилот, ниту куќата, ниту парите во банка. Ништо, освен нашите гревови пред Бога.
Што би променил/а во Македонија и во светот? Бидејќи никој не пали свеќа за да ја покрие со капак, туку ја става на свеќник за да им свети на луѓето, прво би се променил себеси. Би се потрудил светлината во мене да биде уште посјајна. На тој начин, кога секој би почнал од себе, и во Македонија и во светот ќе биде посветло.
Совет/порака Ако си верник, не грижи се за утрешниот ден - тој ќе се погрижи за себе. Доволни грижи има за денешниот ден! Отвори ја вратата на своето срце за Исус. Тој чука. И моли за да добиеш; барај за да најдеш; чукни за да ти се отвори.
Никогаш не би можел Никогаш не би можел да не го сакам Бог со сето свое срце, сета моја душа и сиот мој разум како и што никогаш не би можел, а да не ги сакам луѓето.
|
|