Младинска културна асоцијација, Прилеп

Деценија посветена на младите

Младинската културна асоцијација (МКА) од Прилеп е неполитичка, невладина и непрофитна организација на млади почитувачи на културата, која активно дејствува уште од 1997 година. Нејзината мисија е културно ангажирање и анимација на младите од градот, одржување на културната традиција и подигнување на културата на живеење воопшто, со визија да прераснат во регионален промотор на европските културни вредности.

Во изминатите десет години, асоцијацијата организираше и спроведуваше едукативни проекти, трибини и предавања, театарски претстави, музички, забавни и спортски манифестации, литературни средби, екоакции, промоција на европски вредности. Кај нејзините  членови, кои се високообразовани млади луѓе, студенти и средношколци, подготвени за предизвиците на современиот живот и примена на европските културни вредности во нашата средина, постои ентузијазам и желба за работа на полето на културниот напредок.

Тие соработуваат и комуницираат со поединци и институции на локално и национално ниво, кои се заинтересирани за потребите на младите. 

Изминативе десет години, МКА, дејствуваше во насока на развој на граѓанското опшество низ интерактивна соработка со поединци и институции од граѓанскиот сектор, бизнис-секторот, медиумите и од локалните и националните власти. Активно учествуваше во изработката на Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП) и донесувањето на Младинскиот локален акционен план (МЛАП), како и отворањето на советувалиште за ХИВ/СИДА во ЗЗЗ Прилеп. Во изминатиот период, членовите ги реализираа тетарските претстави  „Пепелашка”, „Трнорушка”, „Јованче и Марика”, „Волшебното кавалче”, потоа Националниот младински поетски фестивал, каравани и летни културно-забавни манифестации. Во спроведувањето на проектите „Гледај зад себе”, „За нашето здравје - да учиме”, „ Стоп за болестите на зависност”, „ Младите сами за себе”, третирале теми од областа на екологијата, грижата за здравјето на младите, креирање на младински политики, сузбивање на болестите на зависност меѓу младите.

Во овој период работат на подготовка на проектот „За здрава младина”, која ќе анимира и едуцира 120 средношколци од Прилеп и Крушево.

Г.Шабани