Успешен едукативен проект на “Черења” од Штип
Свидетелства за жени Ромки
Здружението на Ромите „Черења” од Штип, на 25 мај на свеченост организирана во градот, им додели свидетелства на 35 жени Ромки за завршено основно образование, како дел од активностите на проектот „Жените, образованието и човековите права”, кој “Черења” го спроведуваше од јуни 2003 до мај 2004 година. Проектот е финансиран од УСАИД, преку Институтот за трајни заедници (ИТЗ), а беше спроведуван девет месеци низ курс за описменување на жените Ромки, преку одржување на работилници на теми „Човековите права и родовата рамнотежа” и „Женски човекови права”.
„Започнавме со 60 Ромки од ромската заедница во Штип, на возраст од 14 до 36 години, ги поделивме на три еднакви групи и обезбедивме настава два пати неделно во нашите простории а резултат од тоа се свидетелствата за завршено основно образование со кои се стекнаа 35 жени. Но, нема да застанеме тука. Веќе остваруваме и бараме нови контакти со организации кои финансиски би го помогнале продолжувањето на проектот”, изјави Енисе Демирова, претседателка на „Черења”.
|
Новини во наставата на српски, турски и влашки јазик
Швајцарската амбасада ќе финансира учебници
Швајцарската амбасада, преку Агенцијата за образование, ќе финансира печатење учебници на турски и српски јазик за основците и средношколците. Книгите ќе бидат преведувани од македонски јазик, а учениците ќе можат да ги користат од идната учебна година.
Според Драган Недељковиќ, директор на Управата за развој на образованието на заедниците, станува збор за 255 основци кои учат на српски јазик, 7.000 ученици во основното образование и 300 основци, кои учат на турски јазик. Со учебниците на српски јазик ќе се служат учениците од училиштата “Кирил и Методиј” во Кучевиште, “Светозар Марковиќ” во Старо Нагоричане, “Браќа Рибар” во Табановце, “Вук Караџиќ” во Куманово и “Блаже Конески” во Скопје, додека турските учебници, меѓу другите, ќе ги користат основците од “Петар Здравковски-Пенко” и “Тефејуз”. Од октомври, се планира факултативна настава на влашки јазик на Педагошкиот факултет во Штип.
Ж.Ѓ
|
|