Хуманитарна дејност во траење од 16 години
Парите од тортијадите на “Мајка”, помош за многумина
Хуманитарното здружение „Мајка” од Куманово функционира од 1992 година. Формирано како реакција на потребата да се помогне во времето на распаѓањето на некогашна Југославија, „Мајка” организирала бројни хуманитарни акции за бегалците во војните во Босна и Херцеговина, во Косово, во кризата во Македонија. За раселените лица во регионите на Куманово, Крива Паланка и околината се организирале акции за дистрибуирање храна, лекови и други основни работи, а дел од активностите биле и организација за сместување на семејствата во домови, реконструкција на оштетените куќи, ресоцијализација на децата и жените, а по конфликтот во 2001 година, и организација на психосоцијални работилници за жените.
„Мајка” веќе подолго време во континуитет работи на обезбедување лекови и лекување за социјално загрозени лица, но и секој кој ќе побара помош за која нема доволно финансии. Во принцип, вели Лидија Илиевска, претседателка на „Мајка”, кога се работи за набавување скапи лекови во странство или, пак, оперативен зафат кој чини многу пари, „Мајка” има фонд од кој обезбедува еднократна парична помош за болните. Фондот се полни најчесто преку организирање хуманитарни активности, како што се традиционалните тортијади. Дел од тортијадите се организираат и наменски, за помош на некое лице. Така, раскажува Лидија, една од нив му беше посветена на еден млад човек од Куманово кој боледува од тешка болест, којашто му го оневозможува движењето. Тој долги години бил врзан за кревет, иако со лекување во странство квалитетот на неговиот живот многу би се поправил. Сите собрани пари од продажбите на тортите биле наменети за неговото лекување, а денес неговото здравје е во многу подобра состојба.
Пред две години парите од тортијадата му биле донирани на Центарот за лицата со посебни потреби во Куманово. Со нив биле реновирани просториите и истите биле опремени со мабел, кујнски апарати и друга опрема. Во Центарот секојднево се згрижуваат лицата со хендикеп од Куманово и околината, каде што учат како самите да се снаоѓаат во домот, да готват или да вршат други домашни работи. И минатата година во ноември во организација на „Мајка” се одржа 14-тата по ред тортијада во која вештите жени од Куманово за продажба подготвија голем број торти со различни форми и вкусови. Со парите беа набавени новогодишни пакетчиња коишто жените од „Мајка” им ги поделија на децата од социјално загрозените семејства во Куманово и околината.
Тортите ги изработуваат жени од Куманово, кои се докажани со своите вештини во кујната, секоја година мора да има најмалку 10 различни торти, а често и локалните слаткарници донираат свои производи кои исто така се продаваат во хуманитарни цели. Како што вели Лидија, најголема сума платена за една торта е 6.000 денари. Тортите се мали уметнички дела и се промоција за нивните авторки. Кумановки до неодамна организирале и хуманитарни соленијади во кои биле изработувани различни форми од тесто, а парите биле наменети за различни проекти. Најпозната е изложбата на цркви од тесто и цветови од тесто на авторка од Свети Николе. Продуктите за работа во тортијадите и соленијадите ги донира „Мајка” или други донатори.
“Бучен Козјак” - еден од најверните помагачи
„’Мајка’ има долгогодишни спонзори и донатори со кои соработуваме од самите почетоци на организацијата. Еден од нашите најверни помагачи е ’Бучен Козјак’, кој ја следи секоја наша активност. Директорката Стојка Стојковска повеќе од 10 години донира најчесто парични средства, а во времето кога ги организиравме и соленијадите, донираше и производи од понудата на ’Бучен Козјак’”, вели Илиевска. Таа нагласува дека директорката Стојковска секогаш купува една од тортите и им ја подарува на жителите на Домот за старите лица или пак на децата со посебни потреби. Таа од „Мајка” била наградена и со благодарница за хуманоста и несебичната помош.
Мелницата „Мошомел”, пак, е најновиот спонзор на „Мајка”, но за жените од оваа организација тој е многу значаен, бидејќи сопствениците на мелницата самите се пријавиле да ги спонзорираат нивните активности. Така, сето брашно за последната тортијада го донирале од „Мошомел”, од каде, пак, најавуваат дека оваа хуманитарна активност ќе им стане традиционална.
„Во тортијадата на хуманитарното здружение ’Мајка’ се вклучивме на наша иницијатива, поради големиот углед на здружението во Куманово и околината каде што е познато по своите хуманитарни активности. Секоја учесничка во тортијадата доби по една вреќа брашно, што беше нашата донација за минатата година. Се надеваме и имаме желба да продолжиме со нашата соработка и во иднина”, вели Моме Велковски, сопственик на мелницата „Мошомел”.
Спонзори со кои работат овие хуманитарки долги години се и конфекцијата „Мареми трејд”, „Фото плус”, „Елида”, „Кенди шоп”, како и кумановскиот „Водовод”, Стопанска банка, „Агрокуманово” и други.
Првиот и единствен мамограф во Куманово
Покрај најпознатата активност на „Мајка”, ова здружение долги години се занимава и со други активности. Во 1996 година првиот и единствениот мамограф во Куманово е донесен благодарение на заложбите на „Мајка”, како донација од Германија.
На повик на организацијата, нашинката која долги години живее во Германија, Флора Краут, донела мамограф во кумановската болница, кој и денес е единствениот ваков апарат во околината. „Мајка” е основач на женскиот центар „Жена на 21 век”, што претставува мрежа од 8 организации и постои 8 години. Тоа е информативна мрежа од повеќе различни организации кои од годинава ќе почнат да работат регионално во општините Куманово, Липково, Ранковци, Крива Паланка и Кратово. Членките на „Жена на 21 век” се организации на жени од различна етничка припадност, а финансиер е шведската организација „Квина тил квина”.
Дел од активностите на „Мајка” е и функционирањето на вториот СОС-телефон за жени жртви на насилство отворен во 1997 година кој функционирал 5 години. „Мајка” активно работи и на зајакнување на меѓуетничките односи, особено меѓу жените во мултинационалната средина во Куманово и околината. Дел од активностите на оваа организација опфаќаат и проекти во образованието, заштитата од насилство, информирањето и здравството.
|
|