Програма за јакнење на капацитетите на женските НВО за здравствена едукација: обуки
Обуката која ќе се спроведува во рамките на програмата за јакнење на капацитетите на женските НВО ќе опфати 96 жени, активистки на женски НВО.
Циклусот е поделен во два дела - првиот 4, а вториот 3 дена. Бројот на учесници е ограничен на 16 активистки во една група.
На обуките за родови односи и развој посебено внимание е посветено на зголемувањето на свеста за родовите односи и позицијата на жената во општествениот контекст.
Целите на обуката во првиот циклус се токму зголемената свест за родовите односи, можноста за родова анализа и примена на родовата анализа на проектно ниво.
На обуките се обработуваат основните концепти на родовите односи и нивната општествена одреденост, учењето на родовите улоги и препознавање на нормите, вредностите и стереотипите во општеството, патријархалноста како систем на контрола врз жената, и се разбира потенцијалот за промена на постоечките односи.
На обуките се посветува големо внимание на препознавање на нееднаквата поделба на трудот и нејзината видливост и вреднување, тројната улога на жената и пристапот и контролата до средствата. Се обработуваат односите на моќ и практичните и стратешките потреби и интереси на жените и уште многу други аспекти релевантни во родовите односи и за приодот за развој и на персонално и на проектно ниво.
Методологијата на работата е интерактивниот пристап во процесот на учење на возрасните.
Сите права се заштитени. © 2000 Македонски центар за меѓународна соработка, Скопје. Обновена: 28-12-2000
|