Друштво на родителите за грижа за здраво поколение

Климатската рехабилитација посветена на глобалното затоплување
 

Друштвото на родителите за грижа за здраво поколение од Велес годинешната Летна климатска рехабилитација, одржана по шести пат, реализирана под покровителство и со финансиска поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање на Р. Македонија, им ја посвети и се приклучи на националните и светските активности против глобалното затоплување на планетата Земја, со акцент на водата како најдрагоцен природен ресурс.

Велешките деца престојуваа на Пелистер каде реа­лизираа многубројни екоактивности, посветени на животниот еликсир за сегашните и за идните поколенија, за здравата и чиста вода за пиење со која изобилува поблиската и подалечната околина на Детското одморалиште. Ликовни работилници, посебно изработен стрип на тема „Зелена мисија”, литературни записи, екоинформатор, беа составен дел на летниот дневник кој го подготвија децата на одржаната рехабилитација. Летното климатско патешествие заврши со изложба на ликовни и литературни творби, на екоинформатор и фотографии од сите активности на децата во Центарот за поддршка на граѓанските организации во Велес, на 6 септември, каде што децата лично му го врачија летниот дневник на Министерот за животна средина и просторно планирање на Р. Македонија, Џелил Бајрами, и на неговите соработници.

Во Друштвото на родителите за грижа за здраво поколение се надеваат дека климатската рехаби­литација ќе продолжи и наредната година, како трајна заложба на државата за здравјето на своето младо поколение.

К.Б.