Наташа Бијелиќ
Здравствено образование во училиштата – судир на религиски и световен дискурс
Државните институции, како што се Министерството за образование и Министерството за здравство, индиректно го поддржуваа религискиот дискурс. Министерството за образование продолжи со опортунистичката „политика на небранување”, па така советникот на министерот Приморац, исто како и ГРОЗД, тврдеше дека програмата на ГРОЗД не крши ничии уставни права. Министерството за здравство започна со политиката на „неразбирање на нештата” каде министерот за здравство, изјавувајќи како нема да го земе предвид мислењето на правобранителката за деца бидејќи таа не е докторка, искажа потполно непочитување на другите надлежни тела вклучени во процесот на одобрување на програмата за здравствено образование.
Програмата на ГРОЗД, која ужива поддршка од страна на католичката црква, претставува пример на кршење на сексуалните и репродуктивните права, кое се спроведува на многу суптилен начин, ангажирајќи системи на вредности. Специфичен религиски систем на вредности се претставува како доминантен и се презентира како национално важечки, т.е. како систем на вредности на „мнозинството”. Незаконската програма на ГРОЗД со дискриминирачка содржина се оправдува со тврдењето дека сексуалната едукација треба да го почитува системот на вредности на родителите и културниот контекст на земјата. Повикувајќи се на традиција и религиска парадигма на вредности, ГРОЗД бара поддршка од јавноста, истовремено омаловажувајќи го концептот на човекови права и отфрлајќи го како завера на феминистичкото и хомосексуалното лоби.
Република Хрватска осигура привилегирана положба на католичката црква во образовниот систем, а последната одлука на Министерството за експериментално воведување на ГРОЗД во училиштата зборува за силна тенденција образовната политика да биде во согласност со гледиштето на католичката црква. Министерството за наука, образование и спорт на 14.01.2008 година ја извести јавноста дека ги избрало основните и средните училишта во кои ќе започне експериментално спроведување на програмата за здравствено образование, односно програмата на организацијата ГРОЗД и Форумот за слобода на образованието. Наспроти поплаките на европските парламентарци за програмата на ГРОЗД и тужбата поднесена во октомври, минатата година, до Европскиот одбор за социјални права, Министерството и понатаму продолжува со спроведување на противуставната и дискриминаторска програма на ГРОЗД. Исто така, Министерството упорно ги игнорира негативните мислења кои се упатени до ГРОЗД од страна на правобранителката за деца и правобранителката за рамноправноста меѓу половите. Граѓанската коалиција СТОП ЗА РИЗИЧНО ПОЛОВО ОБРАЗОВАНИЕ ја смета оваа одлука на Министерството како исклучително штетна за репродуктивното здравје и правата на младите во Република Хрватска, чии последици во блиска иднина можат да бидат катастрофални за младите луѓе.
Видливо е дека целиот процес на спроведување на програмата и изборот на училишта е нетранспарентен и без јасно дефинирани критериуми. Начинот на кој се избрани одделни училишта во кои експериментално ќе се спроведува програма за здравствено образование останува нејасен, исто како и дефинирањето на бројот на избрани училишта и образложението зошто се избрани токму тие. Предложените училишта укажуваат дека изборот не е однапред воден со јасно дефинирани критериуми кои имаат предвид евалуација која би требало да следува. Останува нејасно и конкретното спроведување на програмата во училиштата – спроведувањето на програмата е планирано за второто полугодие, исто како и едукацијата на оние кои ќе ја спроведуваат, меѓутоа второто полугодие веќе започна и тоа остава многу малку време за квалитетна подготовка на самите лица. Се поставува прашањето што ќе биде со децата чии родители нема да дадат согласност за посетување на ниту една од понудените програми; како ќе биде операционализирано спроведувањето на програмата во секое одделение или училиште? Нелогично е, на што Коалицијата СТОП РПО веќе предупреди, тоа што во основните училишта не е понудена алтернатива за ГРОЗД.
Со примерот на експериментално воведување на програмата на ГРОЗД може да се види како едно религиозно гледиште може да дејствува репресивно во однос на сексуалните и репродуктивните права на младите. Со влегувањето на католичката наука во програмата за сексуална едукација во образовниот систем, оправдано е да се смета дека е отворен пат за модификација на световните образовни содржини во согласност со учењето на католичката црква. Неминовно се наметнува прашањето што е следно на ред од образовните содржини?
|
|