Извештај на Обединетите нации по повод Денот на Жената
Половата еднаквост - се уште прашање во македонското општество
Обединетите нации по повод 8 март Меѓународниот ден на жената, излегоа со своја отценка за позицијата во која се наоѓа жената во земјава. Во извештајот под наслов “Половата еднаквост - с$ уште прашање во македонското општество” кој на Денот на жената го објавија скоро сите домашни медиуми. ОН констатира дека “иако голем број македонски жени и девојки уживаат значајни слободи во нивниот секојдневен живот, вистинската рамноправност сеуште останува отворено прашање меѓу многу од нив“.
Обединетите нации овогодинешниот Меѓународен ден на жената го имаат посветено на темата ХИВ/СИДА, и во тој контекст потенцираат: “И покрај тоа што Македонија има ниска стапка на ХИВ распространетост, глобалната статистика и трендовите сугерираат дека жените се особено ранливи кон беснеењето на оваа заразна болест. На глобално ниво, младите жени се заразуваат побрзо и на порана возраст, а само неколку се свесни за најосновните мерки за заштита. Трговијата со луѓе е уште едно сериозно прашање кое ги засега жените во регионот. Често, слабите економски услови се причината поради која жените стануваат жртви на трговците со луѓе. на овие жени често им се негираат нивните основни човекови права, и се оставени на насилство и здравствени ризици, вклучувајќи ја ХИВ/СИДА.
Позицијата на жената во Македонија ОН ја согледуваат и преку нивото на писменост, презентираќи го фактот кој говори дека “жените сочинуваат повеќе од 75% од неписменото население во земјата” но и укжаувајќи на фактот дека “пропуштените можности за образование директно се поврзани со кругот на сиромаштијата кој погодува многу семејства, но и дека “писменоста е суштинско значење за подобрување на грижата и развојот на децата”.
“Домашното насилство исто така е прашање кое засега многу жени во земјата. Маргинализацијата на прашањето за домашното насилство и недостокот на официјални податоци често значат дека ова прашање останува во “сенката на јавниот дијалог”. Неодамнешната студија на Развојниот фонд за жени при ОН, упатува на тоа дека само 20% од сите физички злоупотребувани жени го пријавиле злосторот во полиција.
“Во Македонија сеуште остануваат нееднаквостите не само меѓу жените и мажите, туку и меѓу жените од руралните и урбаните области, како и меѓу етничките групи” изјавува Фроде Мауринг, постојан координатор на агенцијата на ОН. “Општо земено суштински е важно жените да бидат вклучени во процесот на повторна изградба и на економско опоравување. Ова ги вклучува жените на сите нивоа - во оние од руралните области, до оние кои се наоѓаат на високи политички функции.
Агенциите на ОН во Македонија се посветени на третирањето на половата рамнотежа низ неговите иницијативи. Тие ја поздравуваат финализацијата на Извештајот на земјата во рамките на “Конвенцијата на ОН за елиминирање на сите форми на дискриминација спрема жените”.
К.Б.
|