ИНСТИТУТ ОТВОРЕНО ОПШТЕСТВО МАКЕДОНИЈА

Апел за мир

Граѓанска акција која повикува на мир покрена и фондацијата Институт Отворено општество Македонија.

Како што се вели во Апелот за мир, кој беше објавен во средствата за јавно информирање, во името на основните принципи на граѓанското живеење и натамошниот развој на демократските процеси, се искажува загриженоста и  се осудува агресијата што сериозно ја загрози безбедносната состојба во нашата држава. Со апелот се осудуваат актите на насилство и повикувањето на меѓуетничка нетрпеливост.

„Појавите на присилна мобилизација, манипулирање со цивилното население, особено децата и младите и создавањето живи ѕидови заради остварување милитантни цели е неспоиво со хуманото однесување на секој цивилизиран човек. Последица од ваквото однесување ќе биде само натамошното поткопување на темелите на граѓанското општество, кои последниве десет години упорно ги градиме во Република Македонија. Појавите на медиумски мрак, дезинформирањето и пропагандната војна создаваат психоза на страв и наметнување колективна вина. Сето тоа има социјални и психолошки импликации. Страдаат граѓаните на Република Македонија, а најмногу најсиромашните и маргинализираните групи. Веќе е нарушена нормалната работа на невладините организации. Откажани се важни проекти со домашни и меѓународни партнери. Визијата за мирно и стабилно демократско граѓанско општество навлегува во критична фаза” – се вели во Апалот за мир кој до моментов на затварањето на „Граѓански свет” го потпишаа 387 здруженија на граѓани и поединци од Македонија и надвор од неа.