ФИООМ

Културна деконтаминација


Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФОСИМ), во рамките на својата Програма за културна деконтаминација, на 3 октомври во Скопје го организира првиот Експертски форум. Форумот го отвори премиерот на Владата на Република Македонија, г. Бранко Црвенковски, а воведен збор даде извршниот директор на Фондацијата, г. Владимир Милчин.

Форумот има за цел да отвори квалитетен дијалог за културните идентитети, етнокултурните дистанци и милитаристичките вредности во постконфликтниот период, како и да придонесе за одредување на заедничките културни вредности на граѓаните на Македонија. На Форумот  беа презентирани резултатите од четири релевантни истражувања, кои беа поддржани од ФОСИМ во текот на годинава. Учесниците работеа во три работни групи на провокативни теми:

  • Тензии во културата: индивидуализам наспрема колективизам;
  • Етнокултурни дистанци: како против нив; и,
  • Кои се заедничките културни вредности на граѓаните на Македонија.

На форумот учествуваа 30-тина интелектуалци - новинари, научници, културолози, социолози и експерти од други профили. Нивните тези по овие прашања ќе бидат публикувани во книга.
М.И.