Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” доби медиум
Студентско радио повторно во Скопје
Советот за радиодифузија му издаде дозвола на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” за емитување и пренос на радиопрограмски сервис, како непрофитна радиодифузна установа. Со оваа одлука, практично, по пауза од неколку години, во Скопје повторно ќе постои студентско радио. „Ова е прва одлука на Советот за радиодифузија за доделување дозвола за непрофитна установа, со што се воведува третиот, непрофитниот сектор во медиумскиот простор во Македонија”, стои во соопштението на Советот.
Студентското радио со работа треба да започне во октомври. Радиото ќе постои на непрофитна основа, а ќе има забавен, едукативен и информативен карактер. Во работата на радиото ќе бидат вклучени студентите на студиите за новинарство, но и студенти од другите профили, како и универзитетски професори. Студентското радио треба да има опфат на слушаност на подрачјето на градот, ќе биде сместено во простории кои му припаѓаат на Универзитетот во зградата „Унија”, која се наоѓа пред студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу”, во центарот на Скопје.
Се предвидува дека преку студентското радио околу 40.000 студенти и 2.500 професори секојдневно ќе се информираат за сите настани на Универзитетот.
Т.Д.
|
|