МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР, БИТОЛА
Осум години работа за младите
Младинскиот културен центар (МКЦ) од Битола прославува значаен јубилеј – прослава на 8-годишнината од своето работење. МКЦ е посветен на активностите поврзани со младите, во кои спаѓаат културно-уметнички манифестации, образовни проекти и други.
На прославата на својата годишнина што се одржа во Битола, на 26 и 27 февруари 2005 година, пред граѓаните МКЦ ја претстави својата веб-страница, ја промовира новата книга на младата поетеса Елизабета Стевановска, под наслов “Потрага”, а во популарното битолско кафуле “Порта џез” организира ретроспективна изложба на плакати, постери, флаери и друг печатен пропаганден материјал.
МКЦ наскоро ќе се пресели во нови простории, во кои ќе отвори и младински центар каде што ќе се одвиваат повеќе културни и едукативни активности. Младинскиот културен центар ќе биде лоциран во староградска куќа, заштитена како културно наследство, која се реновира со поддршка на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Фондацијата Крал Бодуен од Белгија, во рамките на програмата “Живо наследство”.
М.И.
|