ИЗБОР

ALLIANCE 

Донатор или пријател - дилема на локалните посредници за грантови

Според последниот број на ALLIANCE, меѓународните донатори си повеќе практикуваат локалните центри за поддршка на НВО да ги водат програмите за изготвување грантови за нив. Меѓутоа, се судираат ли интересите кога во исто време со изготвување на грантот се даваат и консултации околу подигањето фондови? Ова прашање неодамна предизвика жолчна дискусија во нашата канцеларија кога ги разгледувавме идните планови за ФДП (Фондација за добротворна помош - CAF–Charity Aid Foundation) - Русија, односно како ја гледаме на долгорочен план во иднина.

Претставништвото на ФДП во Русија се отвори во 1993 година со цел да го помогне демократскиот развој во Русија и да го прошири дејствувањето на ФДП во овој дел на светот. Уште од самиот почеток беше јасно дека во Русија нема да биде возможно да се започне со типичните услуги на ФДП (на пр. управување со корпоративни донации, приватни трустови). Не постоеше сериозно здружено донирање, ниту индивидуална филантропија; непрофитабилниот сектор тукушто почнуваше да се развива.
Во таа ситуација, најдобар начин на кој можевме да помогнеме беше да започнеме една систематска и техничка програма за помош. Тоа вклучуваше бесплатни правни и фискални консултации за НВО, консултации околу фондовите, обука, публикации, библиотека. За неколку месеци за услугите на ЦАФ Русија се слушна во целата земја и тие станаа омилени насекаде.
Како да се стане давател на грант?
Во 1996 веќе беше јасно дека ситуацијата е сменета. Растечките руски бизниси обезбедуваа се’ повеќе донации, а исто така во Русија пристигнуваа и меѓународни фирми. За нас беше од големо значење и тоа што си повеќе меѓународни програми за помош како и меѓународни фондации започнаа да работат во Русија.
Од 1996, ФДП - Русија се преориентира кон развојот на филантропијата и помошта на донаторите. Започнавме да водиме грант-програми финансирани како од меѓународни, така и од руски донатори; воведовме обука за развој на домашната филантропија. Долгорочните напори за развој на на општинските фондации во Русија ги дадоа првите резултати. Во 2001 година, ФДП-Русија се претвори во фондација за посредништво во давање грантови, напуштајќи ја првобитната функција на центар за поддршка на локалните НВО. Во исто време, нашите услуги за НВО привлекуваа си повеќе клиенти. Најпопуларните теми на нашата обука беа подигање фондови, преговарање со донаторите и прашањата поврзани со даноците.
Кои се нашите клиенти?
Ова ни води до суштината на прашањето за идентитетот. Се прашавме: кои сме ние? Кои се нашите главни клиенти? Чии интереси треба да ни бидат приоритетни? Од една страна, управуваме повеќе од 7 милиони американски долари во име на меѓународните фондации, руски и меѓународни фирми, како и индивидуални донатори. Од друга страна, пак, уште од 1993 година, ние бевме првата попатна станица за многу руски НВО на кои им требаше помош од типот на финансирање, решавање на правни проблеми или пак наоѓање на соодветни партнери.
Прашањето за идентитетот го покренаа и други големи центри за поддршка на НВО  во Русија кои повремено или редовно водат грант-програми и им нудат услуги на НВО. Го покренаа и општинските фондации, кои започнаа првенствено како грант-тела, а сега се на мисла да ја преземат и улогата на организации за поддршка во регионите каде техничката помош на НВО не е доволно развиена.
Ова комбинирање на улогите произлегува делумно од фактот што во една голема и разновидна земја каква што е Русија, секогаш е поефикасно да се користат локалните организации за развој за ре-грантови. И во случај кога целите на грант-програмата се комплексни и насочени кон воведување големи промени, техничката помош станува неопходна, а неа повторно ја обезбедуваат истите локални организации. Земете ја за пример речиси секоја приоритетна област на меѓународна поддршка за Русија, како што е на пример развојот на претпријатијата или реформите за благосостојба во општеството. Било која меѓународна донаторска организација ќе рече дека без техничка помош, обука и поддршка на развојот, речиси никому нема да додели грант. Меѓународните донаторски организации со право не сакаат автоматски да поддржуваат постоечки пракси и модели; тие исто така сакаат да привлечат странски искуства, односно странски модели и пракси кои делуваат супериорно и да ги приспособат на рускиот контекст.
Со што резултира тоа? Центрите за поддршка на локалните НВО започнуваат со објавување на мали грант-програми (обично грантови до 5.000 американски долари) кои тие ќе можат да ги водат со стручноста и знаењето кое го поседуваат. Во ситуација кога локални организации за изготвување грантови речиси и не постојат, кога на центрите за поддршка на НВО очајно им се потребни пари за остварување на нивните активности (ре-грантот е атрактивен бидејќи носи одреден приход), кога правниот систем е премногу сложен, а приватните адвокати и ревизори не само што се претерано скапи, туку немаат поим што значи  ”не-профитабилен сектор”, во тој случај центрите за поддршка на НВО неизбежно стануваат попатни продавници за донаторите и НВО. Но токму во овој момент се појавува проблемот на идентитет и доаѓа до судир на интереси.  
Дали одговорот е приоретизација?
Лесно е да се каже: приоретизирај. Одлучете еднаш засекогаш дека вашиот главен клиент е донаторот. Потоа треба да утврдите еднакви услови за сите корисници на грантови и техничка помош, да го направите процесот на обезбедување техничка помош (консултации, обука) поформален и да не навлегувате подлабоко во проблемите на корисниците како и потенцијалните корисници на грантови.
И потоа …Вашата услуга станува помалку ефикасна бидејќи не одговара на вистинските, реалните потреби на своите корисници, поради тоа што тие потреби ги утврдуваат формални истражувања и краткорочни консултанти и се многу површни. Обуката која ја нудите се помалку кореспондира со реалните потреби. Го доживувате првиот неуспех во изготвување на грант бидејќи не знаете што всушност се одвива во организациите кои ги поддржувате или пак што навистина им е потребно за да бидат ефикасни.
Можете да решите дека ваши главни клиенти ќе бидат корисниците на фондови. Во тој случај, вие сте пријател на корисниците, ги познавате лично, можете да „читате меѓу редови” односно да видите како е и „зад кулисите”.
И потоа……Станувате вовлечени во нивните активности. Доколку работите, на пример, со жртви на СИДА или пак деца-бездомници, тоа ќе ви се случи уште во првиот месец. Нормално, нема да е исто со сите и како резултат на тоа може да наидете на судир на интереси. Веќе не постои фер игра и еднаквост во борбата за грантови, вашите вработени ќе одредат еден круг на клиенти кои ќе ги фаворизираат и ќе почнат да лобираат во нивно име. И наместо да обезбедат формална обука за одржливост, вашите инструктори во викендите ќе пишуваат предлози за потенцијалните корисници на грантови. Техничката помош ке биде на високо ниво, но за сметка на изготвувањето грантови. Преголемата вклученост на изготвувачот на грантот во проектите на неговиот корисник ја ограничува нивната независност и ги намалува можностите за долгорочен успех.
Донатор или пријател? Оваа дилемма најчесто резултира со промена на персона лот, постојано премислување околу приоритетите, безнадежни напори за комбинирање на формалниот начин при изготвувањето на грантови со „пријателскиот”, како и инволвиран стил на техничка поддршка.
Дали да се поделат двете улоги?
Ако одговорот не лежи во приоретизацијата, зошто тогаш едноставно не се поделат двете улоги: агенциите за давување грантови нека се ограничат само на таа активност, а организациите за поддршка нека поддржуваат. Може да се решите за строга поделба помеѓу одделенијата за давање грантови и оние за техничка помош во самата организација, па дури и за поделба во/на две организации; или пак, целосна зависност од надворешни консултанти кои би обезбедиле техничка помош и би го ограничиле дејствувањето на организацијата само на давање грантови; или пак формален став кога станува збор за техничка помош, со јасна идеја уште од самиот почеток дека програмата нема да предизвика некои реални промени.
Но, постојат и слаби страни на двете солуции. Доколку не станува збор за голема организација, поделбата нема да биде лесно да се спроведе во пракса и проблемите како што се конфликти околу лојалноста и приоризација си уште ќе се појавуваат. Ниту пак и е лесно на една организација да реши дали ќе се ориентира само на грантови, или пак само на давање техничка помош. Локалните донатори ретко ги поддржуваат проектите од областа на инфраструктурата или пак активностите кои ги обезбедуваат центрите за поддршка на НВО, а локалните НВО немаат доволно пари да ги одржат тие центри. Како резултат на тоа, овие центри стануваат зависни од странските донации. Нивните приоритети, пак, постојано се менуваат, така што центрите за поддршка на НВО се финансиски принудени да ги следат промените на нивната стратегија, па така денес функционираат како агенции за грантови, а веќе утре можеби како организации за поддршка. Нивната работа ја определуваат донаторите наместо самите клиенти; тие едноставно не можат да си дозволат дефинитивно да се определат за едната или другата дејност.
Ние, во ФДП - Русија решивме да се поделиме: да ги разграничиме нашите донаторски програми од услугите за поддршка на НВО. Сите консултации и обуки ќе ги спроведува рускиот КЗФ (Консултации за здруженија и фондации / CAF – Consultations for Associations and Foundations), засебен правен ентитет наспроти заедничката кратенка (CAF) - тоа е знак дека ние самите си уште не можеме да ја решиме дилемата дали да бидеме донатори или пријатели? Си уште не знаеме дали поделбата ќе функционира, бидејќи процесот тукушто го започнавме.  
(Alliance, March 2001)