Виолета Танчева-Златева
Мојот став за јазикот
Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еднаков збор, и који живувајет и се другарат еден со други и који имајет еднакви обичаји и песни и весеља, тије људите ги викајет народ а место во које живуват народ се велит отечество од тои народ.
Така и Македонциве се народ и местово нивно е Македонија.
Ѓорѓи Пулевски, „Речник од три језика”, Белград, 1875 г., стр. 49.
Дваесет и осум години по објавувањето на „Речник од три јазика”, Крсте Петков Мисирков го објавува својот труд „За македонцките работи” (Софија, 1903), во кој ја истакнува посебноста на македонскиот народ и на македонскиот јазик и се залага за формирање на македонски литературен јазик.
Зошто започнувам со историја?
За да се потсетиме дека македонскиот литературен јазик не е нешто што отсекогаш постоело, нешто што ни е дадено како такво и кон кое немаме никаква обврска. Според Законот за употребата на македонскиот јазик („Службен весник” на РМ, бр. 5/1998 г.), Македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката. Употребата на македонскиот јазик, како службен јазик, е право и должност на граѓаните на Републиката.
Борбата за посебен македонски јазик е нераскинливо поврзана со борбата за национална самобитност на македонскиот народ. Таа борба ниту денес не е завршена. Можеби е малку поинаква, но не е помалку тешка. Нејзината главна цел е да се зачува чистотата на нашиот литературен јазик, неговиот интегритет. Особено во последнава деценија сме соочени со наплив од најразлични странски зборови, претежно од областа на технологијата и посебно од компјутерската технологија: хардвер, софтвер, лаптоп, маус, мемори-стик, фолдер, фајл, драјвер, принтер, медија-плејер, ноу-хау... и така во недоглед. Сите тие високопарни и неразбирливи зборови понекогаш заличуваат на некакви чудовишта што ни го кршат јазикот. А само малку да се потрудиме, можеме барем некои од нив да ги замениме со наши зборови, да ги направиме поблиски до нашиот јазик, до нашиот човек. Зар не можеме за фолдер да кажеме папка, за фајл - документ, за принтер - печатар? Се разбира дека можеме. Во тој поглед, најголемата одговорност паѓа на институциите од областа на културата, кои би требало на годишно ниво да изготвуваат своевидни програми за прифаќање и/или замена на странцизмите со соодветни зборови од македонскиот јазик. Во прв ред, со тоа би требало да се зафати Советот за македонски јазик, како стручно тело формирано од Владата на Република Македонија. Да се потсетиме - според Законот за употребата на македонскиот јазик од 1998 година, „Советот ги врши следниве работи:
дава мислење, предлози, упатства и препораки за употребата, односно заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик, вклучувајќи ја и терминологијата од сите научни области;
дејствува во правец на изнаоѓање форми и решенија за заштита, унапредување и збогатување на македонскиот јазик;
предлага програми за заштитата, унапредувањето и збогатувањето на македонскиот јазик во сите области на службената комуникација, што ги доставува до Владата на Република Македонија” итн.
Меѓутоа, и сите ние, кои секојдневно се служиме со јазикот, како со единственото средство за комуникација, треба да се вклучиме во тој процес. А најмногу лекторите и луѓето од медиумите, особено новинарите, бидејќи нивното влијание врз луѓето е најголемо. Но, за жал, грешат и тие, и тоа многу. Често ќе слушнете или ќе прочитате: освета, озбилно, званично, бубашваба, поклон... А проблемот, пак, со нашето кутро СИНО е толку голем што заслужува посебен прилог. Неколкупати се уверив дека некои наши (помлади) луѓе дури и не знаат дека постои друг, македонски збор за нивното „плаво”. Неговата употреба е толку раширена што се сфаќа како нормална (!) дури и во многу називи (цвеќарницата во центарот на градот „Три бои плаво”, такси-компанија „Плава лагуна”), во песни („Плаво око”) и во преводи на странски филмови (несреќното „синуша”, „со сина коса”, наместо да се употреби соодветниот македонски збор “русокоса”, „со руса коса”).
За некој друг од купиштата јазични проблеми, во друга пригода. А дотогаш - да зборуваме македонски!
|
|