интервју: Исмаил Бојда, претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија
ГОРАНИТЕ НЕ СЕ ПОСЕБЕН ЕТНОС, ТИЕ СЕ МАКЕДОНЦИ СО ИСЛАМСКА РЕЛИГИЈА
Во почетокот на ноември Сојузот на Македонците со исламска религија поднесе до Владата иницијатива за донесување декларација за положбата и правата на Македонците од областа Гора. Ова беше повод да поразговараме со г. Исмаил Бојда, претседател на Сојузот
Едно време во медиумите поинтензивно се третираше прашањето на заштитата на правата на Гораните, не забележавме нешто такво во месецот кога се одбележува меѓународниот ден за заштита на човековите права. Што се случува во моментов? Новинарите секогаш ме прашуваат за Гораните. Тоа не е посебен национален идентитет, тоа се Македонци со исламска религија кои живеат во областа Гора. Областа Гора е поделена во три држави, Македонија, Албанија и Србија, односно Косово. Во 30-тина села во овие три држави живеат 40.000 Македонци со исламска религија.
Она што зачудува е фактот дека Македонија ги зема овие проблеми како дневнополитички настани. Владата и одредени министерства немаат јасен концепт што со тие луѓе? Што со нивното образование? Од 1999 година наваму немаме запишано ниту еден ученик во средно училиште ниту на факултет, а тие што завршиле често се соочуваат со проблемот да не можат да си ги добијат свидетелствата за завршеното образование. И не само тоа, таму не е регулирано ниту здравственото осигурување. Разни проблеми ги надјавнуваат овие луѓе кои не знаат каде да се обратат.
Оваа година Сојузот на Македонците со исламска религија одржа меѓународна конференција за положбата и правата на Македонците од областа Гора. На конференцијата донесовме 4 резолуции. Првата се однесува на граничниот премин Стрезимир-Рестелица. Со неа се бара овој премин, наместо премин со времен карактер, да стане премин со меѓународен карактер, со што би се подобрила врската на Гора и Драгаш (Косово) со Ростуше и Маврово. Втората резолуција се однесува на продлабочувањето на трилатералната соработка (Македонија-Албанија-Косово). Третата резолуција се однесува на образованието. Барањето е да се овозможи правилно образование на мајчиниот јазик и државата да може да го поддржи тој процес со соодветни помагала и кадар. Последната, четвртата резолуција се однесува на статусот на Македонците од Гора во Косово. Побаравме, баз разлика на статусот на Косово, Македонците од Гора да влезат во уставот на Косово како Македонци со исламска религија. Ова го проследивме до УНМИК, до Владата на Косово, до Марти Ахтисари, до сите амбасади, баравме да се приклучиме и на преговорите за статусот на Косово.
Нашиот последен обид е иницијативата за донесување декаларација за положбата и правата на Македонците од областа Гора што ја доставивме до Владата на Република Македонија.
Кои се причините за оваа инивијатива и што содржи Декларацијата? Декларацијата третира повеќе прашања. Едното од нив е стекнувањето државјанство. Никој нема право да ни го одземе правото со кое сме се стекнале еднаш, а тоа го направи претходната влада. Како да & беше прва задача да го запре процесот на добивање државјанства за Македонците од Гора. И не само ним. Тоа им се случи на Македонците од Голо Брдо, Мала Преспа. Како да имаше страв од наплив на друго население во Македонија. А со етничките Албанци не беше така, ним им отворија канцеларии во Брест, Малино и во Танушевци за да добијат државјанство. Околу 200 луѓе експресно ги добија државјанствата. Но, за Македонците од Гора, од Мала Преспа и оние иселени во Турција тоа беше замрзнато на 15 септември. До крајот на 2002 година издадени се 3.000-4.000 државјанства. А процесот на добивање државјанство е друга приказна. Понижувачки е кога еден бирократ (службеникот н.з.) ве прима во државјанство на Република Македонија, кога треба да платите 50 долари или ако не го сторите тоа навреме, да платите 500 долари. Ова им се случи на многу Македонци од Гора кои задоцнија и требаше да платат по 500 долари за да „бидат примени” во државјанство. Нашите во Турција, на пример, многу сакаат да добијат македонско државјанство. Го прашувам еден постар човек кој се иселил во Турција зошто толку сака да добие македонски пасош, вели: „Никогаш не сум имал македонски пасош, кога се иселив, беше југословенски. Сакам да го фатам во рацете, да го ставам под перница”. Страотно е како луѓето ги доживуваат тие работи, колку емотивно. „Тие (властите н.з.) ни го одзедоа државјанството пред 50-тина години”, вели еден иселеник во Турција, „ни даваа бели листови да се потпишуваме, ни велеа, ако не се откажеш од македонското државјанство, нема да добиеш дозвола да се населиш во Турција. Мораше да се добие отпуст”.
Ние секогаш добиваме ветувања дека сето тоа ќе се среди, ама досега, ништо. Затоа, во Декларацијата бараме да „се почитуваат барањата на Македонците од областа Гора за безусловен прием и во македонско државјанство по потекло и за тоа надлежните органи ќе преземат соодветни мерки”.
Декларацијата го третира и прашањето на образованието. Со нејзиното усвојување во Собранието, државата би декларирала дека „ќе преземе ефективни мерки за организацијата на наставата на македонски јазик во областа Гора на Косово и во областа Гора во северниот дел на Република Албанија, печатење на потребните учебници, литература и обрасци за педагошка евиденција, во согласност со наставните планови и програми на домицилните власти и утврдените со билатерални договори”. Исто така & се препорачува на Владата да го зголеми бројот на стипендистите и да ја подобри постапката за упис и условите за учење и студирање на Македонците од областа Гора на образовните институции во Република Македонија.
Целата декларација има 18 точки во кои се третира културниот развој на Македонците од Гора, негувањето на македонскиот јазик, економските аспекти на развој на областа, комуникациските аспекти (преквалификација на граничниот премин Стрезимир–Рестелица од времен и селективен во меѓународен граничен премин со 24-часовен режим на движење) итн.
Дали Македонците со исламска религија се соочуваат со асимилација? Има такви појави, и тоа не е тајна. Претопувањето најчесто е во турската и во албанската етничка група. На пример, една група Македонци со исламска религија од Скопје се изјаснуваат како Турци. Во последно време и децата ги образуваат на турски јазик. Најчестата причина за тоа е што луѓето сопствената идентификација ја прават преку религијата, а не преку етничката припадност. Пример има постари жени да викаат „жими турска вера”, а тоа го кажуваат на македонски јазик, затоа што тоа е нивниот мајчин јазик. Луѓето имаат потреба да ја поистоветат верата со етничката припадност, со националниот идентитет. Мораме да сфатиме дека религијата е минлива категорија, но нацијата не. Не треба да му го скратуваме правото на еден човек што е по националност Македонец, а по религија муслиман, да биде Македонец.
Што & забележувате на Владата? Се лутиме на глобалната политика на Владата. Таа, притисната од другите проблеми, намерно или ненамерно ги запоставува проблемите со Македонците во соседството. Македонија не може да „ја биде” ако не го реши проблемот со Македонците во соседните земји. Македонија има ретка судбина, да се граничи со себе! „Благодарение” на војните во минатото, и на прекројувањето на границите од страна на големите сили, добар дел од Македонците останаа да живеат во соседните земји. Но тие и понатаму се Македонци, без разлика на имињата со кои ги нарекуваме: Горани, Егејци, Пиринци, сите тие се Македонци.
Другата наша забелешка е тоа што не успеале како потреба да ги вклучат Македонците со исламска религија во извршната власт, или да им дадат функција во законодавната власт. Ова неприфаќање на Македонците со исламска религија придонесува да се губи самодовербата.
Што ќе побарате од оваа влада? И во минатиот и во сегашниот период нашата соработка со Владата се сведува на исто: ќе не примат на средба, ќе не сослушаат, ќе се исплачат заедно со нас и толку, ќе заминеме.
Сите наши барања се ставени во Декларацијата што веќе ја спомнав. Тоа се неколку корпуси прашања кои го опфаќаат државјанството, образованието, културниот идентитет, економскиот развој и комуникациите.
|
|