Женската мрежа ја оценува 2005 година

Хрватска ги занемари воените последици врз жените

Женската мрежа на организации на жените кои работат во Р. Хрватска во својот извештај за 2005 година ги презентира (не)реализираните очекувани поместувања на состојбите во земјата, во остварувања на родовата еднаквост. Анализирани се институционалните механизми во државата, медиумите, образованието, правата на репродукција, положбата на жените на пазарот на трудот, жените и политиката, насилството над жените, трговијата со нив, а е издвоено и поглавјето “Жените и вооружените судири”, кое започнува со констатацијата дека токму во тој сегмент е најмалку направено, во рамките на севкупно поставените цели на Националната политика за периодот  2001-2005 година.          

“Хрватска во исто време додека ги слави своите воени победи, или пак ги обележува трагедиите на војната, (понекогаш контроверзно) се однесува како општество во коешто како жените воопшто да не страдале, ниту пак  учествувале во воените настани, иако, како и насекаде во светот, 80 проценти од жртвите биле жени и деца. На тоа поле, Хрватска во потполност ги занемари своите обврски од конвенцијата СЕДАВ (ЦЕДАЊ), Пекингшката платформа и Резолуцијата на Советот за безбедност 1325. Симптоматично е што воопшто и не постои службен превод на Резолуцијата, иако претставникот на Хрватска на 587. заседание на Собранието на ОН го изјави следното: ‘Хрватска ќе продолжи со давање поддршка на напорите во рамките на составот на ОН насочени кон  вклучување на перспективите на половите  во сите активности на ОН. Посветувајќи посебно внимание на рамноправноста на половите како значајна цел, Хрватска смета дека резолуцијата на Советот за безбедност 1325 (2000) е од особено значење за жените, мирот и сигурноста во контекст на сочувување на мирот и постконфликтните напори”.

Јавноста во Хрватска воопшто не е запознаена со содржината на резолуцијата на Советот за безбеднот на ОН, а неодамнешното одбележување на петгодишнината, која беше одбележана во целиот свет, овде не наиде на никаков одглас. Меѓу популацијата, учесници во војните, страдалници, бегалци и повратници, воопшто не се препознаени специфичните интереси и потреби на жените, а тежиштето исклучиво е фрлено на милитаристичките учесници во војната, кои станаа и значаен сегмент во работата на Министерството за семејство, меѓугенерациската солидарност и бранителите. Последиците од таквото ‘одрекување’ се повеќеслојни и опасни за целото општество. Не постојат  посебни програми, ниту грижа за жените жртви на военото насилство, за жените бегалци и повратници, не постојат истражувања, не постои проширена свест за поврзаноста меѓу милитаризмот, национализмот и родовата проблематика, не постои свест за  поврзаноста на насилството и последиците од војната. Жените не се вклучени во мировни преговори, во државните иницијативи и во активностите за нормализација на состојбата во регионот, ниту во мировните процеси, иако беа носители на мировните иницијативи и дијалози. Не постојат и не се истражени политики на санирање на последиците од военото сексуално насилство над жените”- стои, меѓу другото, во извештајот на Женската мрежа.

Женската мрежа бара од владината Канцеларија за полова рамноправност во својата програма и приоритети да вгради и прибирање информации и истражување за последиците од војната врз женската популација, за жртвите на военото насилство, за состојбата со правата на жените жртви на насилство, прибирање информации и истражувања за состојбите и специфичните потреби на жените бегалци и повратници, финансиска и организациска поддршка на женските организации во подрачјата настрадани од војната, посебни проекти за помош на жените воени страдалници, бегалци и повратнички и др. Членките на Мрежата потенцираат дека најмал степен на соработка реализирале со Министерството за наука, образование и спорт.

Женските организации минатата година имале недоволен пристап во процесите на подготовка на програмите, политиките и законите што се однесуваат на статусот нас жените, немале увид во предлозите на законските акти пред тие да бидат усвоени, ниту пак биле вклучени како членки на работните тела.

Во текот на 2005 година, од севкупните извори на државниот буџет доделени на невладиниот сектор, членките на Женската мрежа на Хрватска  учествувале во распределбата на средствата со 8,22%.

К.Б.