Нов начин на практикување на демократијата
Форуми во заедниците
Граѓаните на Кичево, на Прилеп и на општината Ѓорче Петров во Скопје започнаа да практикуваат нов начин на локална демократија преку таканаречените Форуми во заедниците. На форумите граѓаните ги определија приоритетите за развој на општините и одлучија кои проекти ќе се финансираат. Финансиската помош за спроведување на проектите, кои ги определија граѓаните и кои ќе се реализираат со нивно учество, ќе бидат финансирани од Швајцарската агенција за развој и соработка со буџет од 120.000 евра, а дополнителни 25% ќе се обезбедат од буџетите на општините и 15% од носителите на проектите во секоја општина.
Програмата „Форуми во заедниците” ја спроведуваат Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и Центарот за институционален развој – ЦИРа, во соработка со ЗЕЛС.
На 17 април 2007 г., во Скопје се одржа и конференција на Програмата „Форуми во заедниците”, на која учество зедоа повеќе од 80 претставници на општините, централната власт, меѓународните организации во Македонија, граѓанскиот сектор и медиумите. Беа презентирани искуствата од досегашното спроведување на оваа програма, која има за цел да го поддржи развојот на општините со обезбедување учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки. Особен интерес кај присутните побуди и презентацијата на г. Дилијан Енкин, градоначалник на општината Тројан во Бугарија, кој говореше за искуството на неговата општина во спроведувањето на слична програма.
М.И.
|