Меѓународен ден на човековите права
Искоренувањето на сиромаштијата е човеково право
По повод овогодинешниот Меѓународен ден на човековите права 10 декември, Обединетите нации ги повикаа владите во светот итно да се заложат за решвање на проблемот со сиромаштијата и да застанат на патот на дискриминацијата која на сиромашните луѓе во светот им ги скратува темелните човекови права. ОН сиромаштијата ја прогласи за мотив на овогодинешниот ден на човековите права, бидејќи ја сметаат за причина и последица од кршењето на човековите права.
Во оваа прилика е укажано и на појавата дека на сиромашните луѓе многу почесто им се скратени правата, а најчесто тие се жртви и на дискриминацијата и на прогонот. Мак Дероу, од Канцеларијата за човековите права при ОН, истакна дека во последните десет години сиромаштијата почна да се смета за прашање поврзано со човековите права, а не да се разгледува како економски проблем. Таа е причина за недоволен пристап за соодветно школување, за недоволна лична сигурност, за недоволна способност за учество во јавниот живот и во управувачките структури на општеството...
Истражувањата ги наведоа меѓународните развојни агенции сиромаштијата да ја сфатат подеднакво како општествена исклученост и дискриминација, како и исклученост од политичката и економската моќ. Мек Дероу, кој е и координатор на програмата за Милениумските цели на ОН, вели дека на луѓето не им е лесно да ја разберат сиромаштијата од аспект на кршење на човековите права. Најчсто, за сирмомаштијата се зборува како за трагичен, но неизбежен факт. Дероу истакнува дека сиромашните најчесто се осудуваат за нивната состојба и се обвинуваат дека се мрзеливи, но и дека не заслужиле подобро.
Во рамките на Милениумските цели на ОН, земјите од светот се обврзаа дека ќе ја искоренат екстремната сиромаштија до 2015 година. За ова оптимистичко ветување, времето веќе истекува. Затоа, ОН ги повикуваат земјите да го забрзаат процесот. Искоренувањето на сиромаштијата е човеково право.
Општата декларација за човековите права во ОН беше усвоена на 10 декември 1948 година. Во 1966 година беа прогласени и Меѓународната конвенција за граѓанските и политичките права, како и Меѓународната конвенција за економски, општествени и културни права. Заедно, тие три спогодби ја сочинуваат Меѓународната повелба за правата. Меѓународниот ден на човековите права ги слави токму тие достигнувања.
А.Т.
|
|