Јавна расправа за Законот за здруженија на граѓани и фондации

Организации од јавен интерес, најголема новина

Македонскиот центар за меѓународна соработка, Мини­стер­ство­­то за правда и Меѓу­на­родниот центар за непрофитно пра­во ИЦНЛ, на 2 март 2004 година, во Клу­бот на пратениците во Скопје, организираа јавна расправа за работната верзија на пред­лог-измените и дополнувањата на Законот за здруженија на граѓани и фонда­ции.

“Денешниот собир, односно завршната фаза на расправата за измените и дополну­ва­њата на Законот за здруженија на граѓа­ни и фондации, е пример за модел како во иднина треба да се донесуваат вакви закони – со вклучени граѓански организации, со министерства и владини институции, со домашни и стран­ски експерти, сите заедно”, потенцира Сашо Клековски, из­вр­шен директор на МЦМС. Новина е тоа што во предложениот закон се предвидува изедначување на граѓанските и правните лица, како и на домашните и странските лица во основањето ЗГ, кои ќе можат да вршат и стопански активности, а се воведува и категоријата организации од јавен интерес.

Мери Младеновска-Ѓорѓиевска, министерка за правда, на јавната расправа истакна: “Се работи за значаен закон којшто го имаат сите развиени демократски земји и кој треба да ги зајакне демократските прин­ципи. Законот за ЗГ е донесен во 1998 година. и тој пополни една празнина во оваа област, а со потребното допрецизирање на некои делови од него, благодарение на сите вклучени страни, се наде­ва­ме дека измените на Законот ќе бидат официјализирани и пред предвидениот рок”.

“Во измените главен акцент ставивме на стопанските активности на ЗГ и на потенцира­ње на статусот на организациите од јавен интерес. Потоа, новина ќе претставува тоа што право да основаат ЗГ ќе имаат и правни лица, а не само фи­зич­ки лица. Со измените се предлага покрај управен одбор, ЗГ за­должително да предвиди и надзорен одбор во неговата структура”, појасни д-р Борче Давитковски.

Давитковски е автор на Законот за здру­же­ни­ја на граѓани и фондации и автор на предлог-измените на Законот, заедно со д-р Наташа Габер-Дамјановска.

“Изборот на организација од јавен интерес ќе го врши државна комисија, финансирана од државниот буџет и фор­ми­рана од Владата. Таа ќе биде самостоен седумчлен орган – 1 член постојано од Министерството за правда, 3 ротирачки членови од другите министерства и 3 екс­пер­ти од граѓанскиот сектор, со мандат од 5 години. Државата за ваквите здру­же­нија ќе обезбеди даночни ослободувања, тие ќе бидат повластени и ќе можат да добијат одредени буџетски средства”, појасни авторката Габер-Дамјановска. На расправата учествуваа здруженијата на граѓани и фондации и други заинтересирани лица кои имаа можност да дадат коментари на нацрт-верзијата на предлог-измените и дополнувањата на Законот, пред тој да биде доставен до Владата на Република Маке­донија. Предлог-измените и дополнувањата на законот можете да ги најдете на:

 њњњ.граганскисвет.орг.мк                                              Д.М.