Анкета на здружението “Продолжен живот”

Прекинете го синџирот

Здружението “Продолжен живот” спроведе анонимна анкета во општините Струмица и Ново Село. Анкетата како дел од проектот “Не знаеше, со луѓе тргуваат” опфати 350 испитаници.

Според добиените одговори, речиси 63% од испитаниците одговориле дека трговијата со луѓе е измама и кршење на човековите права, додека околу 37% ја поистоветуваат со проституција и киднапирање.

Дури 61% од испитаниците сметаат дека трговијата со луѓе е многу присутна, а речиси 23% одговориле дека познаваат некој кој бил жртва на трговија со луѓе. Ова само укажува на фактот дека трговијата со луѓе е нешто што се случува тука, близу до нас и на луѓе кои ги познаваме. Ова секако му ја дава сета сериозност на проблемот. Впечатокот е засилен со фактот дека речиси 30% од испитаниците ги познаваат луѓето кои профитираат од оваа работа.

Одговорите на прашањата за причината за оваа појава ја ставаат во контекст на општите услови на живеење. Дури 37% од испитаниците сметаат дека причината за зголемување на феноменот трговија со луѓе е сиромаштијата.

Охрабрува тоа што голем дел од испитаниците знаат каде да се обратат во случај на трговија со луѓе. Речиси 68% знаат дека постои СОС-линија за трговија со луѓе, а речиси исто толку сакаат да се едуцираат за поимот трговија со луѓе.

Проектот на “Продолжен живот” е поддржан од Новешката амбасада и Меѓународната организација за миграции.

 

Гонце Јаковлеска