AIESEC – „ДЕНОВИ НА КАРИЕРАТА”
Вработени 14 млади луѓе
Организацијата за меѓународна соработка на студентите по менаџмент и економија – AIESEC на скопскиот Економски факултет, организираше „Денови на кариерата” на 23 и 24 мај, за време на кои вработување најдоа 14 дипломирани студенти од Правниот, Економскиот, Технолошкиот, Машинскиот и Електротехничкиот факултет од Скопје.
- „Деновите на кариерата”, што се одржуваа во просториите на Економскиот факултет, имаа за цел да ги вработат младите дипломирани студенти. Таа цел беше остварена на мошне интересен начин – претходно собравме резимеа од младите кандидати за работа, а се обративме до повеќе фирми од државава, со цел да ги дознаеме нивните потреби за нови кадри. Потоа, едноставно ги споивме понудата и побарувачката, На некој начин, извршивме симулација на берза на труд – вели Бисера Цветковска од AIESEC, претседател на Организациониот комитет на „Денови на кариерата”. Самата манифестација содржеше и предавања, а беа присутни и компании кои се промовираа себеси, така што беше остварен еден мини-саем на стопанските организации. Своја понуда за вработување дадоа седум фирми: Утрински весник, Канон, Холидеј Ин, Свис Лајон, Инфобит, Дигиком и МБ системи. Тие со сите кандидати направија интервјуа во рамките на „Деновите на кариерата”, а потоа и го извршија својот избор, вработувајќи 14 кандидати. - Мислам дека остваривме активности од кои сите беа задоволни. Претставниците на некои од фирмите ни рекоа дека имале претходно дадено и огласи во весници, но дека немале толку голем одзив и квалитетен избор како овој што ние им го овозможивме. За нив тоа беше интересна можност да се сретнат со нови идеи и погледи, а за младите, дури и оние кои не беа избрани за вработување, искуство за процесот на селекција и за однесување при вработување, вели Бисера Цветковска.
|