Нова хуманитарна кампања

Ние сакаме, а вие можете

Во текот на топлиот јуни, медиумите меѓу другото го свртеа вниманието на јавноста на започнувањето на нова хуманитарна кампања, чиешто успешно реализирање бара активно вклучување на граѓаните и на потенцијалните донатори.
„Ние сакаме, а вие можете”е насловот на кампањата организирана од Црвениот крст на градот Скопје и Фондацијата МобиМак за Македонија посветена на обезбедување помош за децата со церебрална парализа, предвидена да се одвива во неколку етапи, во чијшто фокус ќе бидат различни проекти. МобиМак посочува дека целта на кампањата е подигање на свеста кај граѓаните и изнаоѓање начини за взаемно помагање меѓу сите што сакаат и бараат помош и сите што можат и што сакаат да помогнат.

Првата хуманитарна акција е насочена кон собирање средства за помош на Орце Лазаров, петнаесетгодишно момче од Гевгелија, кој се движи единствено со инвалидска количка а живее на петти кат од руинирана зграда. Црвениот крст на градот Скопје на почетокот на кампањата учествува со обезбедување проект за изградба на двособна куќичка, за што, според проценките, се потребни 9.000 евра, а градоначалникот на општина Гевгелија Драги Делев, ветил дека општината како свој подарок ќе обезбеди место за новото живеалиште на Орце Лазаров.

Во хуманите активности предвидени за овој период од кампањата можат да се вклучат сите правни и физички лица, преку донација на 100 денари со повик кон специјалниот број за донации 070 / 143 - 100, отворен за корисниците на МобиМак, со уплаќање средства на отворената жиро-сметка на Црвен крст на градот Скопје - ознака ХУМАНОСТ 370011200073503 Еуростандард банка и купување на музичко цеде „Ние сакаме, а вие можете”, по цена од 100 денари.

К. Б.