Форум

Какви се искуствата од НВО Саемот?


И Форумот на “Граѓански свет” овој пат е посветен на НВО саемот Форум на граѓанското општество во Македонија. Прашањето гласи: Какви се искуствата по саемската манифестација? Што беше постигнато со саемот, а што недостасуваше?

Објавуваме неколку изјави на учесниците на НВО саемот, како и неколку посетители кои ги запрашавме за нивното мислење за време на самото одржување на Саемот. Интересно и корисно е да се слушнат што повеќе мислења, сугестии, забелешки и критики, за да можеме во иднина оваа саемска манифестација (која се одржува вторпат оваа година) да ја направиме подобра и поуспешна и што повеќе прилагодена на потребите и на учесниците, и на публиката.
Ве повикуваме сите, кои ја следевте оваа саемска манифестација или пак учествувавте во неа, да ги пратите вашите одговори на Форумот на веб-страниците на “Граѓански свет”: њњњ.граганскисвет.орг.мк и њњњ.цивицњорлд.орг.мк. Ве молиме притоа да го наведете своето полно име и презиме. Во наредниот број на “Граѓански свет”, ќе објавиме дел од таа дискусија, што ќе трае еден месец,  и ќе го поставиме новото прашање на Форумот.
Еве што на ова прашање мислат неколку членови на НВО и посетители на НВО саемот Форум на граѓанското општество во Македонија:

Марина Петрова, посетител:
Мислам дека е подобро саемот да се организира во неработни денови, така би имало повеќе посетители. Инаку, саемот е навистина добро организиран и за мене е многу интересен. Добро е што излегуваше оглас во весниците, за да се запознаат луѓето со програмата. Јас лично на тој начин дознав за две трибини кои ме интересираа И дојдов за да присуствувам на нив.

Бесим Небиу, ИТЗ
Имаше недоволна медиумска покриеност на НВО саемот И мислам дека треба во иднина повеќе да се работи на тоа Инаку, во целост сум многу задоволен од оваа манифестација, добив значајни информации за работата на граѓанските здруженија.

Заге Филиповски, Граѓани за граѓаните:
Во целост сум ногу задоволен од НВО саемот. Мислам дека недостасуваше позначајно присуство на “владини структури” и на политичките партии, особено оние кои го критикуваат невладиниот сектор, но тоа не е слабост на организаторот..

Петар Асиси, посетител:
Навистина сум импресиониран од работата на невладините организации во Македонија. Човек може да си создаде вистинска библиотека од она што тие го имаат издадено и испечатено. Со овој НВО саем, се променија моите гледишта, разбирања за работата на невладиниот сектор и сега многу повеќе го почитувам.

Али Мерсељи, посетител:
Задоволен сум од НВО саемот, бидејќи ги проширив знаењата, се запознав со невладиниот сектор. Би сакал НВО саемот да продолжи и во наредните години. Со ваков организиран саем на невладините организации треба да креираме навика за ваков вид саемско случување.

Олга Чоланчевска, УРБИС
НВО саемот беше одличен, имаше обемни форумски активности и добро избрани теми. Изложбениот дел беше малку конфузен. Мислам дека треба заклучоците, како препораки, да се испратат до сите учесници.
Што се однесува до предизвиците на невладиниот сектор, интересни се дискусиите за окрупнувањето – мислам дека тоа е потребно, но не онакво кое ќе претставува ставање под капа на некои НВО.