Во организација на МЦМС и Примеко

Советување за годишна сметка за непрофитните организации

Во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и на Економскиот центар Примеко од Скопје, на 20 и на 21 јануари, во Скопје се одржа Советување за изготвување годишна сметка за непрофитни организации за 2004 година, прво од ваков вид во Македонија. Советувањето го посетија 150-тина претставници на граѓански организации задолжени за финансиското работење, сметководители и други заинтересирани чиј делокруг на работа е поврзан со раководењето и со финансиите во непрофитните организации. “Сметам дека регулативата што се однесува на финансиското работење на граѓанските организации не е доволно јасна и граѓанските организации не се доволно информирани за сите тие правила и норми, затоа што и немале можност, за што зборува и фактот дека ова е прв семинар за ваква проблематика” - изјави Росано олаков од КОМАЈА - друштво за развој на уметноста на живеењето, еден од учесниците на советувањето. На семинарот беа опфатени темите: законска регулатива при изготвувањето годишна сметка за 2004 година, приходи, расходи, ревалоризација, пополнување на даноч­ниот биланс за 2004 година, обра­сци кои ја сочи­нуваат го­диш­ната смет­ка и нивно попол­нување и нови законски про­писи. Фросина Аневска од Економ­­скиот центар Примеко потенцира дека учесниците најмногу се интересираат за даноците, зашто и најмалку знаат за тоа, но и дека многу малку здру­женија имаат пра­вила и про­писи за финансиско работе­ње и дека се надева преку советувањата тоа и да се измени. На семинарот беше формиран иницијативен одбор, кој донесе одлука за основање здружение со името Здру­жение на сметководителите на непрофитните организации на Македонија (ЗСНОМ), чиј претседател ќе биде Зоран Митревски, а неговото седиште ќе биде на ул. “Никола Парапунов” бб во Скопје, во просториите на МЦМС.                      

              Д.М.