УГАНДА, ТАНЗАНИЈА, САД И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Студентите се обединуваат против СИДА-та
Студентите од Уганда, Танзанија, САД и велика Британија се обединија во кампања насочена против ширењето на СИДА-та. Тие започнаа тура низ британските универзитети, повикувајќи ги студентите и нивните професори да се вклучат во борбата против оваа опасна болест.
Младите луѓе, според статистиката на Светската здравствена организација, се најмногу изложени на опасноста од заболување од оваа болест. Речиси 60 отсто од заболените лица минатата година се стари помеѓу 16 и 24 години. Активноста која е покрената од студентите повикува на ефективни мерки кои владите треба да ги преземат против ширењето на епидемијата. Под мотото „Обединети во борба против СИДА-та“, кампањата ја поддржа телевизиската мрежа МТВ како дел на нејзината кампања „Да се остане жив“ (Staying Alive). Организацијата на целата кампања е во надлежност на „Student Partnership Worldwide“. За подетални информации, посетете ја веб-страницата www.oneworld.net.
М.И.
|
|