ГраЃанска асоцијација МОСТ
Набљудувачи на редовни и вонредни избори
Граѓанската асоцијација МОСТ во текот на месец април повторно го сврте вниманието на јавноста кон своите активности учествувајќи во Кампањата за набљудување на вонредните претседателски избори 2004, којашто самата ја спроведе и ја реализира во четири сегменти: мотивација на граѓаните да ги проверат своите податоци во единствениот избирачки список, регрутација на волонтери, набљудувањето на кампањите на претседателските кандидати и нивните изборни штабови и набљудување на денот на изборите. За вонредните претседателски избори МОСТ активира 19 регионални канцеларии на територијата за целата држава, акредитира 3320 набљудувачи, кои во статични тимови беа распоредени на околу 60% од избирачките места, а другите избирачки места беа посетени од 40 мобилни тимови. Во текот на целиот изборен период известуваше за одѕивот на гласачите, а по завршувањето на гласањето, известуваше за процентот на освоени гласови на секој од кандидатите.
МОСТ е формирана во мај 2002 година од страна на претставници на 20 невладини организации. Нејзината мисија е да придонесе за развој на подемократска, постабилна и поперспективна Македонија, преку инволвирање на граѓаните во активности и проекти кои обезбедуваат транспарентност, отвореност и одговорност на владините, политичките и изборните органи кон вистинските потреби на граѓаните. Асоцијацијата досега учествуваше во домашното набљудување на парламентарните избори во 2002 година кога регрутира и обучи 3000 волонтери од различна етничка и национална припадност и распореди свои набљудувачи на 53% од изборните места. Во своите досегашни активности МОСТ ги вбројува издавањето на брошурата “Граѓански водич низ Собранието на Република. Македонија”, конференцијата “Зајакнување на соработката меѓу пратениците и НВО во Република Македонија” и проектот “Мобилен парламент”.
Во насока на постигнување на својата мисија, оваа асоцијација своите активности ги реализира во рамките на три програми: Едукација и вклучување на граѓаните во демократските процеси, Отворени институции и Одговорност и транспаренстност на процесите и нивните чинители. Програмите, како и сите други активности се спроведуваат со цел подигнување на јавната свест кај граѓаните за потребата од предностите од нивното вклучување во процесите на донесувањето одлуки, како рамноправни носители на демократијата.
Повеќе за активностите на Граѓанската асоцијација МОСТ на www.most.org.mk
К.Б
|