Центар за средно образование и рехабилитација “Партенија Зографски”

Со сигурни чекори кон иднината

Прв ден од второто полугодие. Учениците од Центарот за средно образование и рехабилитација “Партенија Зографски” повторно се во училишните клупи. Училниците се пополнуваат пополека. Се слуша звукот на машините, вклучени се компјутерите во компјутерската лабораторија, учениците со насмевка на лицето и со помош на јазикот на знаците раскажуваат што с$ им се случило во текот на новогодишните празници и зимскиот распуст.

Училиштето “Партенија Зографски” не се разликува од другите средни училишта. Како и насекаде, и овдека царува младоста и енергијата на учениците. Единствената разлика е таа што овдека доминира јазикот на знаците. Професорите со помош на јазикот на знаците им ја пренесуваат наставата на учениците, бидејќи во овој центар се образуваат деца со оштетен слух. Разликата е само во тоа. Сликата дека во центрите каде што се образуваат “деца со специфични потреби”, кажано со јазикот на бирократијата, е с? поинаку, е погрешна. Атмосферата и наставата течат сосема вообичаено, со сите предности и мали пречки со коишто се соочуваат и другите училишта. Освен тоа, секое училиште има свои специфики.

“Училиштето ‘Партенија Зографски’ постои веќе пет децении”, вели директорот Трајко Трајковски. “За овој период се оспособени неколку илјади младинци со оштетен слух  од Македонија и од простори на поранешна Југославија кои се здобија со знаења од машинската струка во којашто спаѓаат повеќе профили - бравар, заварувач, обработувач на метал, а застапена е и текстилната струка со образовен профил шивач-конфекционер. Доколку се пројави интерес, училиштето може да организира и настава за дрвопреработувачка и графичка струка”, објаснува Трајковски.

Трајковски вели дека училишната зграда и училниците се прилагодени за потребите на децата со оштетен слух. “Секако, и наставата е прилагодена на потребите на учениците. Ние се обидуваме да ги обучиме учениците да се стекнат со неопходни знаења, вештини и навики коишто ќе им бидат потребни за успешно интегрирање во општеството. Во таа насока се прават напори за осовременување на училишната опрема. Добиваме донации, како што е компјутерската лабораторија добиена од владата на Кина, додека интернет-врската ја овозможи УСАИД. Поголема донација е добиена и од Европската агенција за реконструкција и развој, којашто ни донираа поголем број машини за машинска и текстилна струка. Јапонската влада донира видеоапарати и ФМ-системи. Некои, пак, училници и ние сами ги опремивме”, додава Трајковски.

Со оглед дека центарот “Партенија Зографски” е единствен средношколски центар во Македонија за образување деца со оштетен слух, во рамките на училиштето постои и интернат во којшто моментно се сместени триесетина деца од сите градови на земјава. “Се обидуваме и слободното време на учениците да биде максимално креативно и корисно исполнето”, вели воспитувачот Милисав Јовановски. “Ако сакате од ученик да оформите една комплетна личност, тогаш морате да внимавате да бидат застапени сите сегменти во неговото образование. Токму тоа ни е целта во центарот. Така, покрај другите содржини на воспитно поле, застапени се и физичкото воспитание, естетското, етичкото и граѓанското воспитание.”

 

Музичко-сценска изведба на Македонска крвава свадба

Учениците од ова училиште учествуваа и во петгодишниот проект којшто се одвиваше во соработка со Музејот на Македонија и со Етнолошкиот музеј, а во рамките на проектот ја изучуваа националната историја, но и македонските обичаи. Па така, успеале да се запознаат со традицијата на прославувањето на Бадник, со македонскиот вез, како и со тајните на обработката на грнчарството. Иако со оштетен слух, тие успеале и да заиграат македонско оро. Учениците особено се горди на прославата на пет децении од постоењето на училиштето. Јубилејот, кој беше прославен во октомври минатата година во Домот на АРМ, го одбележаа со музичко-сценска постава на Македонска крвава свадба, изведба којашто наиде на одлични оценки во јавноста. 

“Сите овие достигнувања на нашите ученици ми се многу драги, бидејќи со ова докажуваат дека може да се вклучат во сите општествени текови, дека одговараат на дадените барања како и сите други”, потенцира воспитувачот Јовановски.

Секако, по сето ова, не треба да се добие впечаток дека во интернатот на ова училиште се живее по крути норми и правила и дека ги нема оние вообичаени дружења коишто се украс на секоја младост, а воспитувачите толерираат и понекоја “несериозност” ти­пична за адолесценти.

“Децата се одлични. Одлично комуницираме и имаме разбирање едни за други”, вели педагогот Санде Штерјов. “Понекогаш доаѓаат кај мене велејќи дека професорите биле престроги кон нив, бараат од мене да го разгледам случајот, но тоа се емотивни реакции и бргу се изнајдува решение.”

Група ученици i дозволија на нашата новинарска екипа да влезе во нивните соби, да бидеме дел од нивните дружби. Многу постери на ѕидовите, книги и тетратки на масите, тин-списанија на креветите, украсни мечиња… Типична соба на млади. Но, кога дојде моментот некој да поразговара со новинарот, сите се разбегаа. Фотографирање не доаѓаше предвид. В ред, кој не бил срамежлив во нивните години? Но, секогаш се наоѓа по некој јунак. На нашиот јунак името му е Сенад Османовски, од Битола е, и вели дека во училиштето одлично се снаоѓа, а омилен предмет му е македонски јазик и литература. Излегува по скопските кафулиња со друштво, понекогаш одат во кино или во клубот при Здружнието на глувите. Вели дека знае да “сурфа” на Интернет, а срамежливо признава дека праќа и по некоја љубовна порака на своите врснички.

 

Одлични мајстори

Професорот Блаже Митев, кој е задолжен за предметите машински елементи со техничка механика, технологија на обработка, и технологија на заварување вели дека освен предавањето задолжителни лекции, задачата на професорот е и да ги упати и да ги предупреди учениците на сето она со што реално ќе се судруваат во животот. “Знаете, некогаш моите ученици се пречувствителни. Понекогаш, како и во секое училиште, добиваат укор доколку не ги исполнуваат задачите или се недисциплинирани, но тие се можеби малку поемотивни и веднаш проблемот го префрлуваат на својот хендикеп. Ме прашуваат дали со нив така би постапил доколку се во ‘редовно образование’. Се обидувам да им кажам дека забелешките немаат врска со нивниот хендикеп, туку со нивното однесување. Тие мораат да се соочат со реалноста. Мора да стекнат одлични работни навики и да научат да се борат за себе во животот.  Кога ќе го завршат училиштето и кога нема да бидат под заштита на професорите и воспитувачите, во текот на работењето и животот ќе се судрат со лоши и добри работи, како што се судруваат сите”, додава Митев, кој меѓу другото е и координатор по практична настава и потенцира дека учениците од училиштето “Партенија Зографски” се одлични мајстори кои многу работодавачи би сакале да ги видат во своите работилници.

 

Со сигурни чекори кон иднината

За жал,  кај некои родители с? уште има отпор детето да го запишат во таканаречените “училишта за деца со специфични потреби”, иако нивното дете реално најдобро ќе се снајде токму во средина којашто е прилагодена кон неговите психо-физички способности. Но, децата во училиште се оспособуваат да одат напред, да бидат самостојни во живот, да го најдат својот пат. Закон со којшто им се даваат олеснувања на работодавците кои ќе ги вработат лицата со посебни потреби им оди во прилог на овие ученици, па така многу работодавци доаѓаат во училиштето и се распрашуваат за потенцијални работници во нивните фирми. Учениците и професорите остануваат во контакт и по завршување на училиштето. Една генерација матурира, други ученици се запишуваат... Но, кога ќе се вработат и кога ќе оформат свои семејства, учениците не забораваат на оние кои се грижеле за нив во најчувствителниот период од животот, па така, многу слики од деца на поранешни ученици се наоѓаат во албумите на професорите, на педагозите и на воспитувачите од училиштето “Партенија Зографски”.