Донација
Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир Капија
Специјалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило.
На официјалното отворање, на средината на март во Демир Капија присуствуваше и министерот за труд и социјална политика, Љупчо Мешков, кој изрази надеж дека соработката на државниот и приватниот сектор ќе продолжи и натаму. Во името на Космофон, директорката на Одделот за односи со јавноста, Емилија Трајковиќ-Христова, најави и други донации, не само во оваа институција, туку и во заводот во Демир Хисар, во Клиниката за гинекологија и на Детската хирургија во Клиничкиот центар - Скопје.
„Ние, како институција, во рамките на можностите, секогаш помагаме за да ги подобриме условите во Специјалниот завод. Донацијата е со цел да се направи едно катче за штитениците во кое ќе уживаат тие. Не е важно колку пари сме вложиле, важно е што штитениците ќе имаат место за уживање”, вели Христова.
С.Н.
|
|