Ќе биде ли годинава историска за Велес?

Почетоков на годинава, погледната од аспект на развојот на граѓанското движење во земјава, дејствува навистина оптимистички. Велешани добија огромна можност да го скратат својот децениски „од по маките” и преку поддршка на иницијативата на оформената „Зелена коалиција” во градот, да влијаат на можната промена на генералниот урбанистички план на општината за дислокација на Топилницата, озлогласениот загадувач на градот и околината.

Иницијативата, со која се предлага Фабриката за олово и цинк да се премести на 18 километри јужно од Велес, очекувано ја прифати градоначалникот Аце Коцевски, а поддршка во борбата за чиста животна средина дадоа и Македонската православна црква и Исламската верска заедница, партиите во Велес, пратениците од кои се очекува и понатаму да лобираат.

За дислоцирање на загадувачот, кој  го чека и својот нов купувач, освен седумте членови на коалицијата, граѓански организации од различен профил, се изјасниле и поединци, дел од интелектуалците во градот, а со с$ поголемата присутност на Коалицијата во јавноста, интерес за приклучување покажаа и  пчеларите, организираните земјоделци во сојузи, спортисти...

Во градот познат по своето големо влијание на оп­штествените и културните историски текови на Македонија, граѓаните бараат конечно да заврши со години наназад повторуваната приказна во која евидентираната лоша здравствена состојба на граѓаните се истиснува пред економскиот интерес.

По својот почеток, и оваа година може да биде историска за Велес, граѓанскиот отпор да извојува победа во почитувањето на правото за живеење во здрава и чиста животна средина. Но, оптимизмот ќе биде потврден откако и државата ќе го повлече очекуваниот потег.

И најголемите оптимисти кои го знаат деценискиот третман на заштитата на животната средина во земјава, имаат право да бидат недоверливи во изјавите на надлежните државни институции с$ додека не го видат конечниот исход од борбата. На то за жал, ги научи искуството. 

 
Катерина Богоева