Одговор на писмото на Драги Змијанац од уредниците на Граѓански свет

Граѓански свет има посветена политика во однос на децата

Почитуван Драги Змијанац, По електронски пат на адресата на Граѓански свет, во петокот, на 14 септември 2007 година, ја примив Вашата порака назначена како писмо до уредниците на Граѓански свет. Ви благодарам на Вашите со­вети за тоа како треба да се уреду­ва списанието Граѓански свет, посебно околу начинот на информирање за децата и за случајот „Детска амбасада Прилеп”. Ние тврдиме дека Гра­ѓански свет ги има пренесено Вашите ставови за случајот „Детска амбасада Прилеп” и дека Граѓански свет има посветена политика во однос на децата.

Граѓански свет ги објави Вашите ставови за случајот „Детска амбасада Прилеп” во истиот број во кој беше објавен коментарот од Грамоз Шабани на кој реагирате. Вашите ставови се објавени во текстот насловен „Децата се злоупотребуваат политички и се користи нивниот труд”, на страница 5, во бројот 73, од јули/август 2007 година.

Граѓански свет не само што не е поддр­жувач на злоупотребата на децата, нап­ротив, посветен е на правата на децата и тоа го покажува со бројот и квалитетот на објавените содржини посветени на децата. Послед­ниот број, покрај коментарот од Грамоз Шабани и текстот за ПДАС „Меѓаши” („Децата се зло­употребуваат политички и се користи нивниот труд”), има насловна страница посве­тена на децата, напис „Секс-скандал поврзан со дете бегалец” и репортажа за Мозаик, моделот за мултикултурно и предучилишно образование и воспитание под наслов „Билингвалните групи ја потврдија моќта на комуникацијата”.

Посветеноста на Граѓански свет може да се види и од просторот издвоен за активности на Ва­шата организација во последните три години, и тоа:

насловна страница на бројот 70, од април 2007 година;

18 текстови;

еден оглас (бесплатно) и една дистрибуција на кар­тички (бесплатно).

Надвор од печатеното издание, во моментов на веб-страница­та на Граѓански свет има две позитивни информации за „Меѓаши”.

Не можеме да ја прифатиме како конструктивна критиката дека Граѓански свет со намерата на објавување на ставовите на сите засегнати страни од случајот „Детска амбасада Прилеп” поддржува злоупотреба на деца. Нашата намера да ги слушнеме сите страни (што досега не се случи) се темели на демократските принципи и на основите на доброто новинарство. Граѓански свет, без разлика дали се согласува, се стреми да ги презентира ставовите на сите вклучени.

Непријатно сме изненадени од тоа што обидот на Граѓански свет да ги претстави ставовите на сите вклучени, и покрај повеќегодишната добра соработка меѓу Граѓански свет и „Меѓаши”, доведе до непријателски речник кој го гледаме во „обезличување на непријателот” – сите уредници на Граѓански свет се личности со имиња (и со електронски адреси), вклучително и авторот на коментарот кој е потпишан. Граѓански свет ќе продолжи да има посветена политика во однос на децата и да ги следи активностите на вклучените организации, вклучувајќи ја и „Меѓаши”.

Гонце Јаковлеска ,
уредник на Граѓански свет