Интервју: д-р Абдурауф Пруси, претседател на ХО “Ел хилал”
Ќе се фокусираме на социјалните случаи и на образованието во Македонија
Д-р Абдурауф Пруси е претседател на хуманитарното здружение Ел Хилал, кое стана популарно но предизвика и многу контроверзни реакции за време на босанската војна и косовската криза. Со д-р Пруси разговаравме и за тие периоди но и за сегашноста и иднината со кои се соочува македонската држава.
Г.С. - Како дојдовте до идејата и кои беа причините за формирање на една хуманитарна организација како што е “Ел хилал” во 1991 година? А.П. - По распадот на поранешна Југославија и по осамостојувањето на Македонија како независна држава, се создадоа услови за дејствување и на некои невладини организации. Но, во април 1991 година, кога беше основан Ел Хилал, ниту имаше такви услови и таа, како што е познато, се основа како здружение во рамките на Исламската заедница во Република Македонија, за подоцна да биде независна и да се регистрира како невладина организација. Но, никогаш не ги прекина врските со Исламската заедница. Причините за основањето беа постоечките околности во Македонија и околу неа, особено во Косово и Македонија. Косово минуваше низ особено тешка политичко-социјална состојба - десетици илјада луѓе беа избркани од работа. Од друга страна, Албанија поминуваше низ една многу тешка криза како последица на транзицијата од еден суров комунистички систем во демократско општество. Затоа, организирањето преку невладина организација како Ел хилал беше неопходно, бидејќи особено Косово, знаејќи ги политичките околности во тоа време, можеше да се помогне само на овој начин.
Г.С. - Како работи Ел хилал и кои активности можат да се издвојат? Кои се плановите за нејзината работа во иднина? А.П. - Работата на Ел хилал главно се сведува во помош на социјалните случаи во регионот, а во посебни случаи, се занимава и со друга проблематика. По Црвениот крст на Македонија, Ел хилал е најголемата невладина организација во Македонија која се занимава со помош на социјалните случаи. Има развиено голема мрежа на ограноци и подограноци, така што ја покрива целата територија на Македонија. Хоризонталната и вертикалната соработка е за секоја пофалба. Ова значи дека без разлика на големиот број на ограноци и подограноци, Ел хилал работи како едно тело и информирањето е на високо ниво. Како што е познато, Ел хилал со највисоко реноме се здоби за време на кризите предизвикани од војните во просторите на поранешна Југославија. Во 1992 година, со ескалација на војната во Босна и Херцеговина, беше единствената организација време што со голем успех се ангажира за сместувањето и згрижувањето за многу босански бегалци кои пристигнаа во Македонија. Исто така, беше единствената организација која го организира нивното враќање во Босна. Ова искуство подоцна и послужи за време на кризата настаната во Косово, кога голем број луѓе, бегајќи од српскиот терор, дојдоа во Македонија. Во приватни семејства сместивме над 170.000 бегалци и ги помогнавме со сите потребни работи и бегалците кои беа сместени во кампови. Со највисоко реноме се здобивме со случајот Блаце, каде десетици илјади бегалци останаа скоро десет дена, бидејќи Република Македонија не им допушти влегување во внатрешноста, иако нашата организација беше подготвена да ги смести по семејства. Со помош на донаторите од земјата и надвор, Ел хилал цело време се грижеше за нив, организираше лекарски екипи кои рабоета во три смени.Без разлика на меѓународните обврски што се однесуваат на бегалците, тогашната Влада, преку полицијата, правеше пречки за време на дистрибуција на помошта. Светските телевизиски емисии во нивните секвенции за време на информирањето околу Блаце, постојано ги прикажуваа сцените на пружање на помош од страна на активистите на оваа организација и моменти кога беа тепани со пендреци од страна на неодговорните полицајци. Големиот ентузијазам на активистите на Ел хилал го восхити светот и ја направи организација со високо светско реноме. Соработката со многу организации од земјата и надвор од неа, исто така влијаеше успешно. Особено треба да се истакне соработката со ЦРС од САД и Македонскиот центар за меѓународна соработка. Посебно место му посветуваме на образованието. Верувајќи за една помирна иднина во овие простори, мислам дека главните активности ќе се фокусираат на социјалните случаи и подигнување на едукативно-образовното ниво кај населението во Македонија. Мислам дека една активност која дава резултати, не треба да се измени, но треба да се унапреди. Мислам дека работата на Ел хилал ќе биде модел и за други невладини организации, не само во Македонија туку и пошироко.

Г.С. - Македонија помина низ воена фаза во 2001 година. Како дејствуваше организацијата во тоа време и како ги оценувате меѓуетничките односи тогаш и денес? А.П. - Улогата на невладините организации, а особено на хуманитарните, е да создадат клима на човечка доверба, што значи и меѓуетничка, меѓуконфесионална, меѓурасна доверба. Една од главните начела на нашата организација се токму овие категории. Знаеме дека за време на еден долг период меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи во Македонија не беа на потребно ниво, особено меѓу етничките Албанци и Македонци. Кој работеше за да ги разнише овие односи не е мое да елаборирам, бидејќи денешното мое појавување е како претседател на хуманитарна организација, а не како политичар. Помошта што ја дистрибуира Ел хилал секогаш е наменета за луѓето во потреба, без разлика на националноста, расата или полот. Вистина е дека нашата организација дејствувала во региони населени повеќе со Албанци или подобро да кажам на луѓе со исламска вероисповест, и кои беа корисници на поголемиот дел од помотшта. Но голема помош Ел хилал им дистрибуирал и на припадниците на другите националности и на тие со друга конфесионална припадност. Слободно можам да кажам дека пружањето помош на овој начин само може да ги среди меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи во еден регион. Вистина е дека меѓуетничките односи беа многу влошени за време на кризата причинета поради воените активности во 2001 година во Македонија. Ел хилал одигра значајна улога за подобрување на овие односи. Ги помогна раселените, и Албанци и Македонци. Беше првата организација која испрати помош за раселените Македонци во некои кампови. Често во соработка со други организации (МЦМС) испраќаше помош во етнички мешани населени места, за што даде пример за сожителство во Македонија. Затоа мислам дека хуманитарната помош, особено кога се реализираат заеднички меѓу организациите кои во себе имаат активисти со различна национална припадност, можат многу позитивно да влијаат во подобрувањето на меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи.
Г.С. - Како ја гледате социјалната ситуација во Македонија и кои чекори треба да се преземат за нејзино подобрување. Како замислувате да се намали сиромаштијата во Македонија? А.П. - Денес во Македонија, според некои податоци од самата Влада, околу 25% на населението се наоѓа во голема сиромаштија, додека според нашите опсервации, сигурно околу 60% на населението живее во отежнати социјални услови. Ова треба да претставува аларматна ситуација за Македонија, бидејќи мора да се преземат мерки за подобрување на таквата ситуација. И минатата Влада, но и сегашната, во соработка со Светската банка, одржаа два семинара каде беше присутна и нашата организација. За жал, како и многу други семинари, и овие, не гледам дека даваат некои конкретни резултати. Мое мислење е дека без да се среди економската состојба во Македонија, без да се среди економската состојба во Македонија, без да се среди безбедносната состојба во неа, сигурно дека уште подолго време не може да се очекува видно подобрување. Стремежот на Владата треба да бидат воглавно инвестициите, особено во регионите каде концентрацијата на социјалните случаи е голема. Ургентните интервенции само ќе ја ублажат ситуацијата, но нема да го решат проблемот на сиромаштијата. Мислам дека невладините организации од оваа област со една подобра соработка со Владата, можат да помогнат многу да средствата од страна на Владата, да се пренасочат повеќе во сферата на инвестиции.

Г.С. - Се спомна соработката со Владата. Каква беше соработката на Ел Хилал за време на кризите и во нормални услови со државните институции? А.П. - Како невладина организација, за разлика од другите организации, не може да се каже дека немало соработка со државните институции. Но сигурно дека не можеме да бидеме задоволно со тоа, бидејќи повеќе имало обструкции во нашата работа од страна на државните институции отколку што имало некоја конструктивна соработка. Во многу држави на светот, нема некоја голема љубов меѓу невладините организации и државните институции. Сето ова е од причина што овие организации често ги пореметуваат плановите на луѓето на власт, особено во тие земји со неразвиена демократија. Но, денес многу од овие организации ги управуваат демократските процеси во една држава и истовремено влијаат во создавањето на одредени мислења во една држава. Што се однесува до Македонија, бројот на невладините организации иако е многу голем во споредба со населението, сепак може да се каже дека само некои од нив може да се истакнат со успешни активности за време на нивното работење. И тука, мислењето на државните институции секој ден се менува кон подобро. За време на кризата од воените дејствија во Македонија во 2001 година, нашата организација со МЦМС постојано беше присутна на неделните состаноци кои се одржуваа од страна на координативното тело на Владата на Македонија. Овие состаноци имаа за цел подобра координација на хуманитарната помош во кризните региони. Без разлика од спогодбите што се постигнуваа на тие состаноци, сепак Ел хилал се сретнуваше со разни проблеми за време на испраќање помош во кризните региони. Со проблеми или без проблеми, ние како организација, и со неколкудневни чекања, на крај сепак стигнувавме да ја дистрибуираме помошта во одредените дестинации.
Грамос Шабани
|