|
ТЕМА ЗА ДЕБАТА
Дали невладините организации треба да се вкључат во активности поврзани со изборите?
Прашањево што го поставуваме овој пат на Форумот на „Граѓански свет”, е поврзано со актуелна тема - претстојните избори. Ве прашуваме: Дали невладините организации треба да се вклучат во активности поврзани со изборите?
Дали треба да се вклучат во она што значи информирање, едуцирање, истражување, поврзано со изборите? Или пак по природата на својата организираност и поставеност, е подобро да останат настрана? Дали вклучувајќи се во активности околу изборите ризикуваат да се вплеткаат во некои политички процеси, и дали ако не се вклучат ризикуваат да бидат пасивни чинители во општествените процеси?
Темата е секако интересна за размислување и за дебатирање, а таа ќе биде „on line” наредните два месеци (јули и август). Се надеваме дека ќе добиеме интересни мислења и дека ќе се развие дискусија по ова прашање на Форумот поставен на веб-страниците на „Граѓански свет”: www.graganskisvet.org.mk i www.civicworld.org.mk
Со нетрпение ја очекуваме вашата дискусија, а за да ја поттикнеме, нудиме неколку мислења по ова прашање на лица активни во граѓанското движење:
Перо Стојчевски: Мислам дека невладините организации не треба да се вклучат во активности поврзани со изборите, бидејќи нивната основна мисија е да делуваат вон сферата на политичките партии. Нивната директна инволви раност во некој изборен процес е во директна спротивност со мисијата на невладиното непартиско ангажирање. Освен тоа, постои опасност од нивна злоупотреба и манипулација. Многу од политичките партии би можеле да ги искористат невладините организации за своите цели и активности, посебно во предизборната кампања.
Ирена Поповска: Па, мислам дека невладините организации не треба да стојат настрана од изборните активности, бидејќи сето што се случува околу изборите се однесува и на нив, како и на сите граѓани во нашата држава. Сe што се случува пред изборите е упатено и адресирано до граѓаните, а невладините организации се токму претставници на граѓаните. И да сакаат да се исклучат - не можат. Не значи дека ако се вклучат во активности поврзани со изборите се поврзуваат со политичките партии. Тие можат да комуницираат со нив, да остваруваат одредени контакти, а сепак тоа да не значи дека се „обоени” вака или така, или дека застапуваат одредени политички интереси. Мислам дека тоа е погрешно мислење, дека не треба да се живее во некои „владини”, „невладини”, „политички” или „бизнис” гета, туку дека треба да се соработува, да се живее интерактивно...
Анета Трпкова: Токму невладините организации се оние кои треба да го приближат политичкото до граѓанското. Тие треба да ги информираат и да ги едуцираат граѓаните за да се избегне нивна злоупотреба и манипулација од страна на политичките партии. Само едуцираниот гласач може да биде добар гласач. Мислам дека многу невладини организации беа вклучени во активностите околу локалните избори во 2000 година и тоа имаше мошне добри резултати. Така се надевам дека ќе биде и овој пат, за парламентарните избори.
ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА Колку соработуваме со локалната самоуправа?
Минатиот месец, го поставивме прашањето „Колку соработуваме со локалната самоуправа?”
Сакавме да испровоцираме дискусија која е исто така поврзана со актуелна тема - процесот на децентрализација и комуникацијата меѓу невладините организации и локалната самоуправа. Пренесуваме неколку мислења на оваа тема:
Анѓелко Михајловски: Мислам дека не соработуваме доволно, посебно ние во помалите средини. Претставниците на локалната власт сe уште се однесуваат како локални властодршци, одбиваат соработка со невладините организации - веројатно се чувствуваат загрозени од нив. Но, мислам дека вината е и во невладините организации - тие некогаш не покажуваат доволно волја и иницијатива за соработка со локалните власти.
Ержебет Стојановска: Соработуваат, но не доволно. Вината за тоа е обострана. Мислам дека невладините организации и локалната самоуправа немаат предрасуди едни кон други, туку едноставно немаат доволно иницијатива. Не сфаќаат дека едните од другите можат да имаат само корист, дека треба да работат заедно за остварување на заедничката цел - добробитта на граѓаните.
|