Кампања во струмичко
Собирање и рециклирање на отпадната пластика
Со финансиска помош на Институтот за трајни заедници на Македонија и на Американската еколошка асоцијација УСАИП, во струмичкиот регион се реализира кампања за намалување на пластиката во секојдневниот живот, како и за континуирано собирање и рециклирање на пластичните отпадоци. Проектот го реализира Еколошкото друштво “Планетум” од Струмица, а покрај практичните елементи за организирано собирање и преработка на отпадоците, програмата опфаќа и едукативни содржини, чија цел е да се влијае врз менувањето на навиките и свеста кај луѓето за намалување на употребата на пластиката и нејзината замена со хартија и со други производи што не ја загрозуваат човековата околина и еколошката рамнотежа на нашава планета. Континуитетот во реализацијата на овој проект ќе придонесе битно да се променат грдите слики што денес можат да се видат во населените места, по пазарите, во дворовите, покрај речните корита и патиштата, во нивите итн. Покрај економските ефекти од собирањето и рециклирањето на отпадната пластика, еколошките придобивки за заштита на природата се непроценливи и далекусежни за нас и за идните генерации, истакнуваат во Еколошкото друштво “Планетум”, апелирајќи до сите граѓани од струмичкиот и од поширокиот регион кон природата да се однесуваат цивилизациски и како кон свој единствен дом за живеење и опстанок.
Ж.Ѓ.
|