Постои ли меѓусебна доверба кај граѓанските организации

Бариерата во меѓусебната соработка се уште постои

“Во Делчево се регистрирани 105 граѓански организации од кои ак­тивно работеа само 7-8 здруженија до отварањето на Центарот за поддршка на невладини организации. Центарот е финансиран и раководен од Европската агенција за реконструкција и ФИООМ и со неговото постоење климата во сите граѓански организации е сменета. Профункционираа 30 здруженија, регистрирани се 6 нови,  а членството во сите здруженија е зголемено со нови членови кои што го наоѓаат своето поле на делување во здруженијата, каде се пронаоѓаат и самите себе. Граѓанските организации работат на проекти од различни сфери од кои дел ги обезбедуваат сами а поголемиот дел од нив им се обезбедени со информации и конкурси од Центарот за поддршка на НВО. Иако една од целите на Центарот е мрежно поврзување на граѓанските здруженија, а со цел заеднички настап пред донаторите, решавање на покрупни општествени проблеми и вклучување на побројни целни групи во проектите, во голем дел од случаите тоа изостанува.

Граѓанските здруженија уште не можат да ја разбијат бариерата за меѓусебна соработка во делот на заеднички настап пред донаторите, размена на искуства, вклучување тимови за заедничка изработка на проекти, особено помеѓу организациите кои имаат исто поле на дејствување. Често се случува заради немање капацитет во самите граѓански здруженија да не се добие проект, но и да не се добие проект кој веќе влегол во втора или трета фаза, или пак да има лоша имплементација на веќе одобрен проект. Центарот за поддршка на НВО работи на рушење на тие бариери, преку одржување состаноци со граѓанските здруженија, финансирање на покренување иницијативи на заедници, вмрежување и посети на центри и НВО.

Еден од проблемите со којшто се судираат граѓанските здруженија е и таканаречената “Човек организација”. Овој проблем е исто така присутен во граѓанските здруженија, од причина што се мисли дека еден човек може да ја заврши целата работа околу пишување и аплицирање проекти како и за нивна имплементација. Праксата докажува дека тие организации кога ќе дојдат во ситуација да добијат проект (нешто што е ретко остварливо), ја  согледуваат својата грешка дека за да функционира  една организација потребен е тим кој треба да биде обучен и за изготвување на проектот и за имплементирање на истиот. ЦП за поддршка на НВО тој проблем го решава со инсистирање до претседателите на здруженијата да вклучуваат нови членови, а и тие да се вклучат  во циклусот на обуки што ги имаме обезбедено - истакнуваат претставниците на ЦП НВО Делчево, координаторите  Тони Стоименовски и Тереза Филобог.

К.Б.