Кампања за рано откривање на ракот на дојката

Слави го животот
Постои опасност секоја деветта жена во Македонија да заболи од рак на дојката. Минатата година се регистрирани 600 нови случаи, што е шест пати поголем број новозаболени од пред десетина години. Затоа, на крајот на септември здружението „Животна искра” ја промовира својата кампања под мотото „Слави го животот”, како водечка идеја во борбата против ракот и подигање на свеста кај јавноста за присутноста на болеста и последиците што произлегуваат од неа. 

„Само раното откривање на ракот на дојката  може да биде делотворно и да води кон успешно лекување. Според експертите, раното откривање на ракот на дој­ката доведува до излекување на 95 отсто од жените”, истакнуваат во здружението „Животна искра”.

Кампањата симболично започна со манифестацијата „Торта за сите, третман за сите”, симболизирајќи ја алармантноста на проблемот, а манифестацијата заврши една минута до пладне, пред Домот на АРМ во Скопје. Манифестацијата предизвика огромен интерес кај скопјани, а тортата во форма на виолетова панделка го симболизираше светски препознатливиот знак за борбата против ракот на дојката. Министерот за здравство, Имер Селмани, кој присуствуваше на манифестацијата по повод стартот на кампањата „Слави го животот”, најави дека пред Нова година се очекува да пристигне новиот мамограф за Клиничкиот центар, донација од Грција, вредна 700 илјади евра. 

Кампањата на „Животна искра” ќе биде насочена и кон институциите од кои ќе се побара борбата против малигните заболувања да биде ставена на ниво на национална стратегија.

На стартот на кампањата беа поделени и едукативни брошури во кои на жените им е објаснето како може да извршат самопреглед на дојките, а доколку наидат на промени, укажано им е веднаш да се јават кај матичниот лекар. Секоја промена на дојката не мора да значи дека се работи за најлошото, но сепак преглед е потребен. Ниту една болест не е срамна, а промените ниту на еден орган не треба да се игнорираат, предупредуваат експертите.