Промоција во Битола
“Лесно оружје- тежок проблем”
Во Битола, на 22 ноември, беше промовиран проект со кој почна кампањата за подобрување на безбедноста на битолчани. Проектот „Лесно оружје, тежок проблем” го иницира граѓанската организација „Стоп-нус”, во соработка со локалната самоуправа и полиција, а го финансира УНДП.
„Низ директна средба со граѓаните, сакаме да предочиме колкави се опасностите од лесното оружје. Постојат 137.000 парчиња легално регистрирано оружје и околу 150.000 парчиња нелегално оружје, што претставува една опасна предупредувачка бројка за секое семејство и затоа ќе побараме од Владата и од надлежните институции овој проблем да се реши”, изјави претседателот на битолската „Стоп-нус”, Костадин Поповски. Тој потврди дека во текот на вчерашниот ден во општината Новаци во селски двор, при градежни работи, откриени се 74 парчиња артилериски гранати групирани во едно место. Во кампањата за подобрување на безбедноста на граѓаните вклучена е и локалната полиција. „Според нашите искуства, повредите кај поединци се јавуваат заради нестручно ракување со оружје или најчесто станува збор за млади лица кои употребуваат петарди и други експлозивни материи. Затоа упатуваме апел да не се користат овие опасни средства, а паралелно продолжуваме со превентивно, оперативно и репресивно дејствување врз лицата кои растураат експлозивни материи”, истакна, на промоцијата, претставникот на битолската полиција, Милош Јованчевски.
МИА
|
|