Мировен протестен марш

Разбуди се Скопје!

Со повикот „Доста е! Ги повикуваме граѓаните на градот Скопје да се РАЗБУДАТ од лошиот сон и да ги истераат убијците од нашите редови!”, на територијата на општината Чаир, на 24 мај 2006, се одржа протестен мировен марш. На протестот се придружија неколку илјади граѓани кои минувајќи ја патеката на маршот од паркот до Бит-пазар, својот револт го изразуваа со слоганите „Стоп на оружјето” и „Стоп на насилството”.

Директен повод за организирањето на протестниот марш е длабоката разочараност од трагедијата којашто се случи на 18 мај во едно интернет-кафуле во близина на трговскиот центар Чаирчанка, каде згаснаа три млади животи, а уште шест лица беа ранети.

Иницијативата за изразување незадоволство и протест на овој начин ја дадоа повеќе организации, меѓутоа здружението „Разбуди се Скопје!”, кое се формира на почетокот на овој месец, беше главниот носител и организатор на протестот. Во организацијата на протестот со своја поддршка меѓу првите се вклучи НВО Цивил.

„Ова е можеби најжесток изблик на незадоволство од она што ни се случува со години наназад. Протестот беше еден чист, сосема непартиски, изблик на граѓанска реакција на говорот на оружјето. За среќа, протестот остана граѓанска иницијатива, без никакво политизирање и покажа дека граѓаните на Чаир, без оглед на нивното етничко потекло, сите заедно се засегнати со овој голем проблем којшто им се надвисува над главите. Се надевам дека протестот е вовед во понатамошни, уште погласни искажувања на револт против оружјето во Македонија и резултат на четиригодишната работа на НВО за јакнење на свеста на граѓаните за тоа какво влијание има оружјето во нивните животи и во нивните заедници” - изјави Џабир Дерала, претседател на Цивил, а ја најави и Меѓународната недела на акција против оружјето, која треба да се одвива во 14 градови низ Македонија.

Свое лично учество во мировниот марш зеде и Изет Меџити, градоначалник на општината Чаир. “Време е да се вразумиме и да ги замолчиме железните усти, а мирисот на барутот засекогаш да исчезне од нашата атмосфера” - е дел од пораката којашто по повод протестниот марш ја упати Трифун Костовски, градоначалник на град Скопје.

Со свој став против употребата на оружјето протестот го поддржаа и Македонската православна црква и Исламската верска заедница. Протестот беше поддржан и од УНДП, од Каритас Франција и од здружението „Еснаф”.