ЕКОНЕТ

Промовирање на интернетот меѓу НВО кои работат на полето на животната средина

ЕКОНЕТ започна како неформална група за елекронска комуникација, во која партиципираа членови на 4 еколошки ЗГ (ФОМЕК-Скопје, Проактива-Скопје, Биосфера-Битола и Планетум- Струмица) во јануари 2002 година, со поддршка на Милиеуконтакт, канцеларијата во Македонија. Во ноември 2003 година ЕКОНЕТ се официјализира, добивајќи правен статус, во Центар за електронска комуникација-ЕКОНЕТ.

Мисијата и целта на ЕКОНЕТ е промовирање на интернетот како начин на брза и ефикасна комуникација меѓу ЗГ кои работат на полето на животната средина, институциите и заинтере­сираните граѓани, а со цел  да се зголеми влијанието на еколошките ЗГ во нивната непосредна околина и на глобално ниво.

ЕКОНЕТ им овозможува на еколошките ЗГ нивните активности да бидат презентирани на  пошироката јавност, размена на инфор­мации меѓу самите ЗГ, но и достапност на информациите од сферата на животната средина до сите заинтересирани.

Целите на ЕКОНЕТ се остваруваат преку следните активности:

?Одржување на веб-порталот www.eko.net.mk, кој содржи релевантни и временски ажурирни податоци за прашања поврзани со животната средина. Тој е кориснички ориентиран сајт, што зна­чи дека секој заинтересиран може да се зачлени он-лајн и да стане дел од една интернет-заедница. Оваа опција овозможува не само пристап до содржините на порталот, како и користење на алатките и сервисите кои постојат на порталот, туку со зачленувањето на порталот се  стекнува привилегија секој регистриран да поставува свои содржини и информации.

(Во моментов на порталот се регистрирани 335 администратори)

?Дистрибуција на еко-вести преку листа за дистрибуција, која во моментов има 965 членови (еколошки ЗГ, институции кои работат во сферата на екологијата, заинтересирани граѓани, како и бизнис-секторот, кој има допирни точки со заштитата и унапредувањето на животната средина. Бројката на членови на листатата за дистрибуција е во постојан подем, а што е посебно важно, во неа се вклучени  сите ЗГ од РМ коишто работат на полето на екологијата и постојано постои проток на информации коишто се од интерес на нејзините корисници.

Издавање билтен (ова го правиме со цел достапност на информациите и до оние кои немаат постојан пристап до интернет (живееме во Македонија), а читатели на билтенот се членови на еколошки ЗГ, сите 123 единици на локалната самоуправа, надлежни институции, бизнис-сектор.

?Обуки на членови на еколошки ЗГ за користење интернет

Минатата година одржавме 16 обуки, во 15 града низ Македонија, на кои беа вклучени членови на еколошки ЗГ, кои добија не само обука за базично користење на интернетот, туку и како да се користи веб-порталот њњњ.еко.нет.мк, во смисла на зачленување, поставување информации и содржини, со кои обуки обучивме 200 членови на речиси сите активни еколошки ЗГ во Македонија.

Центарот за електронска комуникација ЕКОНЕТ  во моментов има пет партнери, тоа се ЕД ФЛОРА-Крива Паланка, Грин пауер-Велес, Виножито-Штип, Ареал-Струга и Изгрев-Свети Николе (за кои ЕКОНЕТ обезбеди техничка поддршка од 5 компјутери и интернет-пакети (30 часа интернет со вклучен телефонски импулс), како и континуирана соработка со Новинарско-правниот центар ЕРИНА, значи на веб-порталот (во делот законодавство) постои дел за правни совети на он-лајн, коишто ги нуди ЕРИНА.

Центарот за електронска комуникација ЕКОНЕТ ги нуди и следните услуги:

Обуки за користење на интернет и компјутерски вештини, дизајнирани според потребите на нарачателите

?Веб-дизајн, изработка и одржување веб-сајтови и портали.