ВО РАМКИТЕ НА РЕГИОНАЛНАТА ПРОГРАМА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА НА ЈИЕ
Регионален еколошки прес-центар
Еколошкиот прес-центар од Скопје го спроведува проектот чија основна цел е оформување Регионален еколошки прес-центар, во рамките на Програмата за реконструкција на животната средина на Југоисточна Европа (РЕРеП). Идејата за формирање ваков центар беше поддржана на Конференцијата на министрите за животна средина, што се одржа во Скопје кон средината на март 2000 г.
Проектот е во групата "љуицк старт" (проекти со брз почеток) и е поддржан од холандски донори во рамките на иницијативата Пакт за стабилност на Балканот. Со него се предвидува формирање мрежа на еко-новинарски невладини организации во шест земји учесници во програмата РЕРеП, и тоа: Македонија, Бугарија, Албанија, Романија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Југославија, со центар во Македонија. Тој ќе им помогне на новинарите, но и на другите заинтересирани страни за побрзо и поедноставно добивање информации за состојбите со животната средина во регионот. Со проектот се предвидува формирање шест локални канцеларии во шесте земји, со централа во Скопје која ќе ги има сите можности за обработка и трансфер на информациите од регионот и пошироко.
Клучен партнер на овој проект е Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа од Унгарија, преку канцеларијата во Скопје. Еколошкиот прес-центар, при иницирањето на овој проект, појде од фактот дека масовните медиуми се основната врска за комуникација меѓу владите, граѓаните, НВО и бизнис-секторот во животната средина. Јавноста мора да биде информирана за прашањата од животната средина доколку сакаме да има нејзино учество во донесувањето одлуки, а масовните медиуми ќе пласираат веродостојни информации за животната средина само доколку новинарите се целосно информирани.
Васка Атанасова
|