УНДП донира 4,5 милиони долари за трилатерален проект
Ќе се заштитуваат ендемските видови во Преспа
УНДП ќе донира околу 4,5 милиони американски долари за реализација на дел од проектот “Интегрирано управување со екосистемите во сливот на Преспанското Езеро во Македонија, во Грција и во Албанија”. Проектот предвидува целосна заштита на биолошката разновидност, на ендемските и реликтни видови живеалишта, поддршка на развојот на шумите, заштита и развој на рибниот фонд на езерото. Со него треба да се подобри животната средина на локалното население, заштитата на преспанските еколошки вредности, но и биолошката разновидност, ќе биде и во функција на создавање одржливо земјоделство, екотуристички стандарди, на подобро управување со комуналниот и земјоделскиот отпад. Овој трилатерален проект е насочен и кон промоција на пријателството и соработката на трите држави, а за негова целосна реализација се потребни околу 12,7 милиони американски долари.
Како што нагласија потпишувачите на договорот, министерот за животна средина и просторно планирање, Зоран Шапуриќ, и постојаниот претставник на УНДП во Скопје, Марија Луиза Силва, со него се означува и пријателството на народите од трите земји, нивната желба за зближување, за соработка, а наедно покажува дека заштитата на животната средина не признава и не познава граници.
С.Н.
|