Погледи
Чекајте, каде без 8 Март!?
Што не е 8 Март? 8 Март не е ден на мајката. Не е ден на сестрата. Не е заостанат социјалистички празник. Точно е дека 8 Март е прогласен за официјален ден на жената на интернационалната конференција на жените одржана од Социјалистичката интернационала во Копенхаген во 1910 година. Точно е дека предлогот го дала германската социјалистка Клара Цеткин. Но, тоа не е одлука донесена тукутака и валидна само за левоориентираните движења/држави. Таа 1910-та е моментот на концентрирање и синхронизирање на демонстрациите и борбата за подобра економска, политичка и социјална положба на жената, која насекаде во светот веќе одамна била започната. Ова е борба која ниту освојувањето на правата ниту времето не можат да ја прегазат. Затоа, во 1975 година, која била прогласена за Меѓународна година на жената, Обединетите нации започнаа официјално да го поддржуваат 8 Март како Меѓународен ден на жената.
Што е 8 Март? Тоа е денот на кој им се заблагодаруваме на милионите кои пред нас демонстрирале и, со многу маки и упорност, се избориле ние денес во Македонија да имаме право да се образуваме во сите степени од образованието; да имаме право на работа, кариера и плата еднаква како и нашите колеги - мажи; да имаме 8-часовно работно време, 9-месечно породилно боледување и уште 3 месеци скратено работно време, доколку го доиме своето дете; право самите да одлучуваме дали, кога и со кого ќе стапиме во брак, да бидеме рамноправни партнерки во бракот и сопственички на имотот стекнат во него; да имаме право, рамноправно со нашите сопрузи, да одлучуваме дали и колку деца ќе имаме, како ќе ги воспитуваме и образуваме; да имаме право да го наследуваме имотот на нашите родители, еднакво како и нашите браќа; да имаме право да гласаме по сопствен избор или да не гласаме доколку заклучиме дека ниту една политичка опција не го заслужува нашиот глас; да имаме право да се кандидираме и да бидеме избрани за пратенички, советнички, градоначалнички, да бидеме министерки, премиерки, претседателки на држави (зошто да не!?)...
Што правиме ние на 8 Март? Најчесто се срамиме. Велиме: „Ех, е што е овој 8 Март!? Куп жени се собрале во кафеана и се поднапиле”. И така, преку замена на тези, поради несогласувањето со начинот на кој најчесто се празнува 8 Март во Македонија, се откажуваме од милионите кои се избориле за нашите права. Или велиме: „Го разбирам јас сето тоа околу 8 Март и рамноправноста и правата на жените, ама не можам да го славам овој ден зашто нема ден на мажите”. И така, сакајќи да бидеме што порамноправни, ја негираме вистината дека половина од човештвото со векови било дискриминирано и онеправдано само поради тоа што се родило со женска анатомија на телото.
Да направиме споредба - спремни ли сме да се откажеме од празнувањето на Илинден, 11 Октомври, 8 Септември само затоа што овие празници, кои ја претставуваат сржта на македонската државност, не се празнуваат официјално и во други држави? Или, затоа што можеби не се согласуваме со начинот на кој се одбележуваат?
Немам намера да обвинувам никого, ниту да им „попувам” на жените, впрочем милиони пред нас се избориле за правото на жената да мисли со својата глава. И токму пради ова право одбивам да се чувствувам непријатно на 8 Март. Одбивам да го негирам фактот дека сум жена во чија лична историја длабока бразда оставиле милионите, познати и непознати, кои оделе пред мене. Одбивам да заборавам дека во Македонија сe уште има жени на кои таткото, братот, сопругот, кој било поставен во позиција на нивни старател им ги одзема загарантираните права со закон. Одбивам да ги затворам очите пред семејното насилство, психичко или физичко. На 8 Март не се срамам да го ставам во втор план сето она што сум го постигнала во животот како рамноправно човечко битие и велам: „Да, јас сум жена и горда сум поради тоа”. Останатите 364 дена, колку што можам и како што можам, го врвам патот на милионите пред мене кои ми го дале правото на чекор.
|