Промедиа
Промовирани прирачници за пристап до информации
Невладината организација “Промедиа” промовира три изданија за слободен пристап до информациите. Станува збор за преводот на делото “Споредбен правен преглед” од Тоби Мендел и водичите за службеници и за баратели на информации. Публикациите се издаваат преку проектот “Слободен пристап до информации-програма Македонија”, финансиран од Европската комисија. Промовираното дело “Споредбен правен преглед” ги наведува примерите со 60 држави, во кои постои закон за слободен пристап до информациите и меѓународните стандарди, како и националните законски решенија во слободниот пристап до информациите. Водичите за службеници и за баратели на информации треба да им помогнат на корисниците полесно да дојдат до информации.
“За држава којашто се стреми кон зачленување во ЕУ, правилата за транспарентност се многу значајни за сите нејзини сектори”, порача амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере, на промоцијата на прирачниците. Тој оцени дека треба да се земат предвид забелешките на граѓанските организации за предложениот закон. Според заменик-амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Наталија Дрозд, законот за слободен пристап до информации ќе биде основа за транспарентно работење на државата, како и на локалните институции, судовите и јавните претпријатија. “Законот на оние коишто ги поседуваат информациите мора да им даде јасно упатство и во нив да владее култура на отвореност, а на граѓаните да им даде ефикасен инструмент, доколку тие чувствуваат дека поради грешка не им бил овозможен пристап до некои информации”, оцени амбасадорката Дрозд. Директорот на “Промедиа”, Климе Бабунски, на промоцијата рече: “Се обидовме да прошириме вирус за слободен пристап до информации во Македонија и се надевам дека успеавме да ве заразиме. Конечниот успех или неуспех ќе се види со гласањето на законот и неговата примена”. На промоцијата, “Промедиа” им врачи признанија на првите обучувачи за слободен пристап до информации во државава кои поминале обука.
|
|