Реакција
Непокренување постапка за смртта на Беќиров е дискриминација
Хуманитарното здружение на Ромите “Месечина” од Гостивар и Асоцијацијата за демократски развој на Ромите “Сонце” од Тетово, реагираа на одлуката на Јавното обвинителство и по една година од смртта на младиот Трајан Беќиров да не подигне обвинение против полициската единица Алфи. Според овие организации, со својата постапка Јавното обвинителство искажува дискриминаторски однос кон Ромите особено кога се во тек реформи во полицијата и судството за воспоставување систем, во кој ефективно ќе се штитат човековите права и слободи.
Особено, велат во “Месечина”, затоа што се работи за дете, а според Конвенцијата за правата на детето, ниту едно дете не смее да биде изложувано на мачење, казни или свирепо однесување.
За “Месечина” и “Сонце” отсуството на интерес за расчистување на случајот со Беќиров е индикатор за постоење дискриминација на етничка и статусна припадност, и отвора врати за понатамошно неказнето насилство на полицијата кога се во прашање Роми. Потврда на тоа, велат од “Месечина” се и други исто така нерасветлени случаи кога жртви биле Роми. За случајот е најавена и приватна тужба и истрага од страна на семејството на детето.
Со смртта на Трајан Бекиров, како и за постапките кои сe уште не започнале пред домашните органи се запознаени и неколку меѓународни организации, информираат од “Месечина”. Ромските невладини организации, во соработка со МЦМС, присуствувале на Конференција на Обединетите нации, на Работната група за малцинства во Женева, каде што за случајот бил информиран комесарот за човекови права Томас Хомерберг.
С.Н.
|
|